Companies in MGB Business info centar | Invest in mgb  | Стратегии, Програми, Проекти

Како работевме 2013-2017 година

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите Нашата препознатливост е одговорно, транспарентно, домаќинско и отчетно работење. Ја продолжуваме нашата препознатлива пракса за презентација на сработеното пред нашите сограѓани, односно пред избори на граѓаните им ја нудиме нашата Изборна програма, a на крајот од мандатот даваме Отчет за нејзина реализација. Ова е Отчетот кој секое домаќинство ќе го добие и ќе може да направи споредба со тоа што беше ветено, а што е реализирано. Вкупно во изборната програма во 2013 год. имаше 318 предложени проекти. Изминативе 4 години работев заедно со советниците, општинската администрација и граѓаните во реализација на стотици проекти кои верувам ги подобрија условите за живот на нашите граѓани. Како резултат на заедничката активност во периодот од 2013 год. досега се реализираа 292 проекти од изборната програма, а дополнително надвор од изборната програма се реализираа уште 76 проекти како резултат на барањата на граѓаните, кои ги добивме при посетите во месните и урбаните заедници. Останати се уште мал дел на проекти од изборната програма и пред се тоа се проекти кои се поврзани со Владата на РМ, како што е изградба на ново ОУ Крсте Мисирков кое требаше оваа година да започне со градбата, повеќенаменско игралиште во дворот на ОУ Његош, кое требаше Владата и Агенција за млади и спорт да го започне исто така оваа година, изградба на училишна спортска сала во Стајковци, изградба на паркинг и терминал за тешки товарни возила на потегот кај обиколницата, кој исто така беше дел од акциониот план на Владата. Можам да најавам дека до крајот на годинава ќе се реализираат и планираните проекти за асфалтирање на улици во Трубарево, Јурумлери и Идризово и ќе се продолжи со изградба на фекалната канализација во Гоце Делчев,Јурумлери, Црешево и Смилковци, издвоени се средства и за откуп на земјиште за изградба на детската градинка во Стајковци, а ќе се асфалтира и паркингот во Триангла. Од досега наведеното, може да се заклучи дека изминатиов период се реализирани 92 проценти во однос на проектите од изборната програма, без да ги вклучиме 76м- те проекти реализирани дополнително по барање на граѓаните. Или сумарно, може да се констатира дека вкупно се реализирани повеќе проекти отколку што беа предложени во Изборната програма. Упатувам голема благодарност до Градот Скопје и претходната Влада предводена од ВМРО ДПМНЕ за нивната поддршка во реализација на проектите на територија на Општина Гази Баба.

Накратко ќе презентирам дел од проектите кои ги реализиравме во периодот од 2013 год досега, со посебен акцент дека се инвестираше во секоја населба и во секое населено место.

  1. Асфалтирани се 82 улици со должина од 36 км во населбата Железара, Автокоманда, Керамидница, Хиподром, Ченто, Инџиково, Сингелиќ, Стајковци, Брњарци, Црешево, Виниче, Булачани, Смилковци и Страчинци, а тампонирани се улици во должина од 59 км
  2. Изграден е простор за паркирање во површина од 5820м2 во Триангла, Автокоманда, Хиподром, Ченто и Маџари
  3. Изградени се тротоари, пешачки патеки и плоштади во површина од 19.650м2 во населбите Кирил Петрушевски,Маџари, Триангла, Автокоманда, Железара, Ченто, Хиподром, Инџиково,Трубарево, Јурумлери, Колонија, Стајковци, Идризово и Сингелиќ
  4. Изградени се 11 км водоводна мрежа во Раштак, Булачани, Страчинци, Инџиково, Кирил Петрушевски, Хиподром 2, Ченто, Гоце Делчев, Сингелиќ и Стајковци, како и нов резервоар за вода во Раштак од 120м3,
  5. Изградени се атмосферски и фекални канализации во должина од 31 км и тоа во Стајковци, Сингелиќ, Економија, Инџиково, дел од мрежите во Хиподром 2, Триангла, Трубарево, Јурумлери, Ченто, Керамидница, Црешево и Колонија.
  6. Изградено е едно ново училиште „Григор Прличев“ во населбата Железара, а во тек е изградбата на ОУ „Вера Јоциќ“ во населбата Хиподром. Реконструирани се сите останати 15 објекти на основните училишта со посебен акцент на енергетската ефикасност на објектите, како и набавка на нагледни средства и опрема.
  7. Изградена е една градинка, тоа е градинката „Морковче“, а реконструирани се 10 - те објекти на градинките Детска Радост и 25 Мај .
  8. Заменети се сите 6872 светилки и поставени се енергетски ефикасни натриумови светилки со кои се направи заштеда од 35% од потрошената електрична енергија, поставени се нови 159 сијалчни места и поставен е кабел во должина од 4,7км за ново улично осветлување.
  9. Во делот на спортот изградена е една спортска сала во населбата Ченто во соработка со Агенцијата за млади и спорт. Изградени се 16 спортски игралишта за фудбал и кошарка, едно игралиште за тенис, а со Јавно Приватно партнерство во соработка со спортскиот клуб Вардар, изграден е најмодерен тренинг камп за фудбал со две игралишта и апартмани за спортистите. Дадовме подршка во реализација на Училишниот спорт каде активно се натпреваруваат повеќе од 1000 ученици, за кои општината обезбедува реквизити и спортска опрема. Исто така, дадовме подршка и на спортските клубови и поединци спортисти, се со цел мотивирање на нашите млади да спортуваат и да се натпреваруваат. Дадовме подршка и при организација на голем број на спортски турнири и манифестации.
  10. Изградени се 29 детско забавни игралишта со поставување на детски реквизити и урбана опрема
  11. Во делот на заштитата на животната средина, реализирани се голем број на проекти во соработка со нашите Месни и Урбани заедници, невладините организации, како и наше активно учество во проектите за пошумување и засадување на садници покрај улиците и во парковите во соработка со Град Скопје и Владата. Се поставија подземни контејнери на 6 локации, во Железара, Автокоманда, Триангла, Хиподром, Ченто. Општина Гази Баба беше иницијатор и се донесе закон за повисок степен на заштита на паркот на природата Гази Баба, кој е со површина од 103ха и верувам дека со Законот успеавме да го заштитиме овој многу значаен еколошки предел на Општината и Градот Скопје. Во соработка со ЈП Водостопанство Скопско поле, исчистена е каналска мрежа во должина од 83 км За чистење и одржување на улиците, парковите и тротоарите ангажирани се 45 сезонски работници Во училиштата и во градинките се поставија котли на пелети, со што се намали загадувањето.
  12. Општината започна и со субвенционирање на колективните згради во делот на замена на кровот, фасадата и лифтовите, а во соработка со Град Скопје и АД ЕЛЕМ потпишавме Меморандум за поддршка при изградба на подстаниците и внатрешните инсталации за топлинско греење во колективните згради во Триангла, Маџари и Хиподром.
  13. Изминатиов период имавме одлична соработка со компаниите од нашата општина, беше формиран Бизнис клубот, се организираше и меѓународен бизнис форум, а општина Гази Баба како резултат на таа добра соработка го доби и меѓународниот сертификат за Бизнис пријателска општина. Дадовме поддршка и во делот на субвенционирање на младите за отпочнување на сопствен бизнис, како и поддршка на нашите занаетчии.
  14. Реализирани се голем број на проекти од областа на културата. Во тек е изградбата на новиот културен центар во Автокоманда кој треба да биде завршен до крајот на оваа година. Овој проект го реализираме со нашите партнери компанијата Fames, а се состои од најсовремено музичко студио и модерен мултифункционален простор со библиотека.
  15. Континуирано изминатиов период општината реализираше проекти во дневниот центар за стари лица во Маџари, како и поддршка на проектите на НВО во делот на труд и социјалната политика, како што е дневниот центар за децата од улица, двата дневни центри за жртви од семејно насилство, а во соработка со СОС Детското село се изгради и ресурсен центар за подршка на ранливата категорија на граѓани од општината.
  16. Имавме и одлична соработка со пензионерите. Дадовме подршка во реализација на нивните проекти, а во населбите Железара, Јурумлери и Ченто, обезбедивме простор за нивните клубови.
  17. Општината помага и за лицата кои имаат одредени пречки во развојот во обезбедување на простор за нивно згрижување, бесплатен превоз, спортски натпревари, изградба на пристапни рампи и сл.
  18. Изминатиов период беа донесени голем број на урбанистички планови со што обезбедивме простор и услови за нови инвестиции во нашата Општина. Ќе издвојам неколку планови каде се во тек одредени градби или се најавени инвестиции за следниов период –Плановите за локациите кај старата Млакара, Мерцедес, Хиподром 2, Смилковци, обиколницата на потегот кај Инџиково, новиот план за Скопски саем и други. Нашата примарна цел е привлекување на инвестиции со цел отворање на нови работни места и намалување на невработеноста

Убеден сум дека со реализација на проектите придонесуваме жителите на нашата општина да имаат подобри услови за живеење.

Насловот на отчетот е Како работевме во периодот од 2013 до сега. Од проектите кои се реализирани се гледа дека работевме секојдневно и благодарение на поддршката на нашите сограѓани успеавме да реализираме стотици проекти во населените места. Наш патоказ беше Работата - која секој ден на дело ја преточувавме во некој реализиран проект затоа што само РАБОТАТА Е ТАА КОЈА НОСИ ПОДОБРО за сите нас. Верувам дека јас како градоначалник заедно со советниците и општинската администрација ја оправдавме довербата која ја добивме од Вас почитувани граѓани, и доверба која не мотивираше и не водеше напред од ден во ден идеите да ги преточиме во дела, дела за Подобра Општина Гази Баба.

22.08.2017

 

PDF (35,3 MB)

 

Политика на квалитет

Слободен пристап до информации

Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. Cookie policy. I accept cookies from this site. Agree