Ќе се гради ново ОУ „Вера Јоциќ“
Во работна посета на општина Гази Баба беше заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, кој со градоначалникот Тони Трајковски, директорката на ОУ „Вера Јоциќ“ и дел од општиндската администрација разговараа за капиталните проекти во образованието кои ќе се реализираат во општина Гази Баба.
Во изјавата за медиуми, зам. министерот Ристовски најави изградба на ново основно училиште „Вера Јоциќ“ во н. Хиподром, за кое веќе тече тендерската постапка и некаде во средина на месец април ќе се избере фирма за негова изградба.
За општина Гази Баба зам. министерот Ристовски најави и три нови инвестиции кои ќе следат во следниот периот, а тоа се изградба на ново основно училиште „Крсте Мисирков“ во н. Ченто и изградба на две нови училишни спортски сали во ОУ „Вера Јоциќ“ н. Хиподром и во ОУ „Кирил и Методиј“ од н.м. Стајковци.
Градоначалникот Тони Трајковски рече дека општината во континуитет инвестира во основните училишта и во подобрувањето на условите за подобро функционирање на истите и ги потенцираше инвестициите во периодот на зимскиот распуст, во висина од 6 милиони денари.
Тој исто така нагласи дека во тек е постапка за реконструкција на неколку основни училишта од поплавените подрачја, со посебен акцент на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина, со замена на котлите за парно греење од нафта, со котли на пелети. Инвестицијата изнесува околу 10 милиони денари.
11.02.2017