Со особена чест и гордост денес присуствувавме на свеченото одбележување на 40-годишниот јубилеј на “ООУ Кирил и Методиј“ во Стајковци.
Ова училиште претставува столб на образованието и духовниот развој на многу генерации ученици од овој дел на општината, и како такво има посебно значење не само за месното население, туку и за целата општина Гази Баба.
Настанот беше исполнет со емоции, гордост и благодарност – чувства што ги делиме сите ние кои ја препознаваме важноста на вложувањето во младите, во знаењето и во иднината на нашата заедница.
Свеченоста започна со откривање на споменик посветен на светите браќа Кирил и Методиј – мисионери, просветители и основоположници на словенската писменост и култура. Овој споменик, поставен во непосредна близина на училиштето, е резултат на долгогодишната заложба и барање на жителите на Стајковци. Како локална самоуправа, со особена посветеност ја поддржавме оваа иницијатива, бидејќи веруваме дека секој народ заслужува да се сеќава и да ги слави своите духовни и културни темели.
Овој монумент е повеќе од камен – тој е симбол на благодарност, почит и континуитет на вредностите кои светите браќа ги оставиле зад себе. Веруваме дека споменикот ќе биде инспирација за сегашните и идните генерации ученици, потсетувајќи ги дека образованието и љубовта кон знаењето се темел на секое здраво и напредно општество.
Им оддаваме голема благодарност на наставниот кадар, директорката, родителите, поранешните ученици и сегашните ученици за нивната посветеност и ентузијазам.
Училиштето „Кирил и Методиј“ заслужува да се развива и да прераснува во современа образовна институција, а Општина Гази Баба ќе остане партнер и поддржувач на секоја иницијатива која значи подобрување на условите за учење и воспитување на нашите деца.
Нека овој јубилеј биде поттик за нови успеси, нови соработки и уште поголема посветеност во мисијата што сите заедно ја споделуваме – изградба на подобро утре за нашите најмлади.