ООУ Стив Наумов го одбележа патрониот празник со кој се навршија 76 години успешно спроведување на образовниот процес и тоа е бројка за почит.
Од ова училиште и зад овие училишни клупи своето образование го завршиле генерации на ученици кои денес се силни индивидуи кои своето знаење го вградуваат во градењето подобра иднина во општината и насекаде низ татковината.
Образованието за учениците претставува пасош за иднината.
Каква иднина ќе имаме зависи од тоа какви генерации на ученици ќе создадеме.
Секој просветен работник длабоко во себе ја знае важноста на образованието. Соодветното образование им овозможува на учениците да растат лично, професионално и социјално се со една цел, од секој ученик да се создаде успешна личност во општеството.
Мотото под кое училиштето го прославува овогодинешниот патронен празник е “Јазикот е единствената наша татковина”.
Оваа мисла запишана од Блаже Конески кој своевремено бил еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик ја потврдува важноста на нашиот мајчин јазик.
Македонскиот јазик е еден од носечките столбови на идентитетот на македонската државност и посебност. Наша обврска е да го чуваме и негуваме за да можеме да го оставиме на генерациите после нас.