Во Јавното комунално претпријатие Гази Баба денес беше промовирана нова механизација, составена од специјализирано возило за метење и миење на јавни површини и теренско товарно возило, со што продолжува континуираниот процес на модернизација и зајакнување на капацитетите на претпријатието.
Овие инвестиции се дел од заложбата на Општина Гази Баба за изградба на ефикасен и функционален комунален систем, кој е ставен целосно во служба на граѓаните.
Новото специјализирано возило ќе даде значителен придонес кон зголемување на чистотата на јавните површини, преку редовно метење на улиците, особено во урбаните средини.
Од друга страна, теренското товарно возило ќе биде ставено во функција на интервенции на терен во руралните делови на општината, каде ЈКП Гази Баба е надлежно за одржување на водоводната и канализациската инфраструктура.
Оваа набавка претставува директна реализација на едно од клучните ветувања од мојата изборна програма кое беше насловено: „Финансиска поддршка на ЈКП Гази Баба за набавка на нова опрема и механизација“. Денес со гордост можам да кажам дека ова ветување е целосно исполнето.
Во изминатите четири години, ЈКП Гази Баба доби значајни инвестиции во механизација и опрема, кои не само што го подобрија квалитетот на услугите, туку и го трансформираа претпријатието во модерна и ефикасна институција – вистински сервис на граѓаните.
Набавени се возила за чистење, машини за одржување на јавни површини, товарна механизација, алати за интервенции во водоводниот и канализацискиот систем, отворена е работилница со најсовремен алат, како и заштитна и работна опрема за вработените. Ова значи подобри услови за работа, побрза реакција на терен и значително подобрување на комуналната хигиена и инфраструктура.
Посветено работевме да го зајакнеме ЈКП Гази Баба, а денешната промоција на новата механизација е доказ дека ги исполнуваме дадените ветувања. Како градоначалник, посебно ме радува што ова претпријатие денес функционира како организиран, брз и одговорен сервис кој секојдневно ги решава потребите на граѓаните.
Општина Гази Баба ќе продолжи со поддршката на јавното претпријатие и вложување во развој на локалната инфраструктура, со јасна цел – создавање на подобра, почиста и поурбана општина за сите.