Градоначалникот Бобан Стефковски беше присутен на настанот по повод испраќање на Илинденската коњаница од Горно Лисиче, која традиционално тргнува кон славното Крушево — симболот на борбата за слобода и достоинство на македонскиот народ.
Овој настан, кој претставува жив спомен на Илинденското востание од 1903 година, не е само чествување, туку вистински доказ за нераскинливата врска помеѓу народот и неговата историја. Востанието претставува темел на македонската државност, симбол на борбата за слобода, самостојност и правото на свој глас. Хероите на Илинден, кои го кренаа гласот против тогашното угнетување, остануваат вечен патоказ за храброст, верба и обединетост.
Генерален покровител на настанот е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој со поддршката ја потврдува важноста на традицијата и сеќавањето на националните вредности.
Градоначалникот Стефковски е горд на оваа иницијатива и затоа Општина Гази Баба е покровител на овој настан, преку кој, заеднички со граѓаните, продолжуваме со светата наша должност — а тоа е да го чуваме духот на Илинден жив.
Илинден не е само минато. Тој е наша обврска и патоказ за иднината. Им посакуваме среќен и безбеден пат на коњаниците! Да чекорат достоинствено, со срце полни со љубов кон Македонија, и да ја понесат со себе славата на предците до Крушевската Република.
Да живее Илинден! Да живее Македонија!