Денеска во Општина Гази Баба се одржа годишната буџетска конференција за 2026 година, на која присуствуваа членовите на Советот од сите политички партии, како и претставници од општинската администрација.
Оваа конференција претставува една од најзначајните фази во процесот на креирање транспарентен и инклузивен општински буџет. Во изминатиот период, преку две претходни фази, собравме голем број предлози, идеи и коментари од нашите сограѓани.
Граѓаните оваа година повторно ја покажаа својата ангажираност и желба да придонесат кон развојот на општината.
Патишта, тротоари, зеленило, образовни и спортски објекти, културни настани, поддршка за младите и за повозрасните – секој предлог што стигна, без разлика дали бил мал или голем, беше внимателно разгледан.
Ние, како општина, ги слушнавме сите пристигнати идеи, ги анализиравме реалните потреби и ги усогласивме со можностите и приоритетите. Со тоа, граѓаните не беа само пасивни набљудувачи – туку активни креатори на буџетот.
Буџетот за 2026 година ќе биде сублимат на вистинските потреби на граѓаните.
Тој ќе ја одразува нивната визија, нивните секојдневни предизвици и нивните очекувања од општината. Целта е да создадеме документ кој не е само финансиски план, туку јасна патека за развој, подобрување и поголема квалитет на живот во сите населени места.
Во рамки на конференцијата отворено разговаравме за:
–приоритетните инфраструктурни проекти;
-подобрување на јавните услуги;
-инвестиции во образованието и младите;
-пошироки еколошки и комунални решенија;
-поддршка на спортот, културата и социјалните групи.
Секој предлог беше третиран со почит, затоа што знаеме дека најдобриот развој произлегува од соработка помеѓу локална власт и граѓаните.
Продолжуваме со политика на целосна транспарентност, отворена комуникација и директно учество на жителите на Гази Баба во креирањето на општинските политики.
Заедно чекориме кон подобра и посилна Гази Баба.
Заедно креираме – заедно градиме!