И по 14 години, болката не стивнува… таа е длабока, тешка и присутна во секое срце, како да се случи вчера. Тагата не избледува, туку нè потсетува колку е скапа човечката судбина и колку е кревка правдата.
Денес по тој повод градоначалникот Бобан Стефковски запали свеќа и положи свежо цвеќе на Смилковското езеро – во спомен на невино згаснатите животи.
На Велики Четврток пред 14 години, свирепо беа одземени животите на Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Тричковски и Борче Стевковски – млади луѓе со соништа, со иднина, со живот пред себе.
На местото на трагедијата денес стои светилиште – Црквата „Св. 40 Маченици“, како вечен сведок на болката, но и на нашата вера. Подигнат е Свет крст, а се гради и камбанарија – како глас што ќе потсетува, ќе опоменува и ќе сведочи.
Нека нивната жртва биде вечен завет за правда, мир и човечност. Да не дозволиме заборавот да ја покрие вистината.
Никогаш да не се заборави!
Никогаш да не се повтори!