ЈКП Гази Баба продолжува со силно темпо на модернизација и унапредување на својата механизација, со најновата набавка на современо возило – камион преса наменет за собирање на кабаст отпад. Ова возило претставува значајна инвестиција во подобрување на комуналната инфраструктура и ефикасноста на терен.
Вредноста на камионот изнесува 3.596.640 денари, средства обезбедени од програмата за капитални инвестиции во ЈКП Гази Баба на Oпштина Гази Баба, што претставува јасен показател за посветеноста кон развој и модернизација на јавното претпријатие.
Новиот камион е опремен со напреден систем за подигање и празнење на канти и контејнери за отпад, што овозможува побрзо, побезбедно и поедноставно ракување со отпадот. Со ова се намалува потребата од рачна работа и се зголемува продуктивноста на екипите.
Дополнително, возилото располага со систем за компактирање и компресирање на отпадот, со што се овозможува максимално искористување на капацитетот на камионот. Вкупната носивост на отпад изнесува 8,7 тони отпад. Ова значи помал број на транспортни тури, заштеда на време и ресурси, како и намалување на трошоците за работа.
Камионот е опремен и со систем со плоча на притисок за утовар и истовар на отпад, кој обезбедува сигурност при работа и заштита од преоптоварување. Оваа функција е особено важна за долгорочна употреба и зачувување на техничката исправност на возилото.
Со оваа набавка, ЈКП Гази Баба активно продолжува со реализација на проектот за опремување и модернизација на претпријатието, што претставува дел од пошироката стратегија за унапредување на јавните услуги и создавање почиста животна средина.
Главната цел на оваа инвестиција на Општина Гази Баба е подобрување на квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните, преку поефикасно собирање на отпадот и одржување на јавната хигиена на повисоко ниво.
Општина Гази Баба останува посветена на континуиран развој, и во наредниот период ќе продолжиме со инвестиции во нова опрема, технологии и подобрување на капацитетите на ЈКП Гази Баба со цел соодветно да одговори на потребите на современото урбано живеење.
Со вакви чекори, се гради поодговорна, поефикасна и модерна комунална услуга – во служба на сите граѓани на Oпштина Гази Баба.