Денеска градоначалникот Бобан Стефковски изврши увид во завршните градежни активности за асфалтирање на улицата Палмиро Тољати во Ченто, еден од најзначајните инфраструктурни проекти за овој дел од Општина Гази Баба.
Со вкупна должина од 2.48 километри, оваа улица добива целосно нов и современ лик, достоен за граѓаните кои секојдневно ја користат.
Вредноста на проектот изнесува 37.743.190 денари, средства обезбедени преку вториот јавен повик на Владата на Република Македонија, со што уште еднаш покажуваме дека кога институциите работат заедно – резултатите се видливи на терен.
Покрај комплетната реконструкција на коловозот, реконструирани се и сите краци кои припаѓаат на оваа улица, а изградени се и нови пешачки патеки со павер елементи долж целата траса, за поголема безбедност и подобри услови за движење на пешаците.
Ова не е само реконструкција на улица – ова е инвестиција во подобар секојдневен живот, побезбедно движење, подобра инфраструктура и поквалитетна иднина за сите жители на Ченто.
Продолжуваме посветено да работиме во секое населено место, во секоја улица и за секој граѓанин.
Ова е дел од големиот бран инфраструктурни инвестиции кои ги реализираме во општина Гази Баба со силна поддршка од Владата.
Гази Баба се гради, се развива и чекори напред!