Денес градоначалникот Бобан Стефковски претседаваше со седницата на Локалниот совет за превенција во проширен состав, посветена на состојбите со безбедноста во училиштата, превенцијата од меѓуврсничко насилство и унапредувањето на сигурноста во воспитно-образовниот процес.
Седницата беше свикана по неодамнешниот инцидент во основното училиште во населба Ченто, при што Локалниот совет за превенција најостро и безрезервно го осуди секој вид насилство, истакнувајќи дека насилството е апсолутно неприфатливо и дека за него не постои никакво оправдување.
Истовремено, на седницата беше констатирано дека станува збор за изолиран случај и дека генералната безбедносна состојба во училиштата на територијата на Општина Гази Баба, вклучително и во конкретното училиште, е на високо ниво, при што континуирано се преземаат мерки и активности за заштита на учениците и одржување безбедна училишна средина.
Во рамки на седницата се отвори широка и конструктивна дискусија за актуелните состојби во училиштата, потребата од доследно почитување на законските прописи, училишните правила и куќниот ред, како и за неопходноста од навремено препознавање и спречување на ризични и девијантни облици на однесување кај младите.
Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на безбедносните механизми во училиштата, засилената координација помеѓу институциите, улогата на родителите и наставниот кадар, како и потребата од континуирани превентивни и едукативни активности со учениците.
Локалниот совет за превенција при Општина Гази Баба презеде обврска и во наредниот период активно да иницира и реализира активности, јавни дебати, едукативни настани и превентивни кампањи со цел подигање на јавната свест и создавање безбедна и здрава средина за децата и младите.
На седницата присуствуваа и претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за образование и наука, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, пратеници во Собранието на Република Македонија, Црвен крст, претседателот на Советот на Општина Гази Баба и членови на Советот на Општина Гази Баба, директорите на општинските основни училишта на територијата на општината, директорот на ЈКП Гази Баба, претставници на месните и урбаните заедници и претставници на општинската администрација.
Општина Гази Баба останува целосно посветена на унапредување на безбедноста во училиштата и создавање сигурна, достоинствена и ненасилна средина за сите ученици.
Заклучоци од седницата на Локалниот совет за превенција на Општина Гази Баба одржана во проширен состав на ден 14.05.2026 година:
1.Локалниот совет за превенција при Општина Гази Баба најостро го осудува случајот на меѓуврсничко насилство случен во основно училиште во населба Ченто, при што беше повреден ученик, оценувајќи дека секој вид насилство е апсолутно неприфатлив и недозволив, без оглед на околностите и причините, и дека за насилството не постои никакво оправдување.
2.Локалниот совет укажува дека заштитата на физичкиот и психичкиот интегритет на учениците претставува врвен јавен интерес и обврска на сите надлежни институции, воспитно-образовни установи, родители и општествени чинители.
3.Се укажува на директорите на општинските основни училишта за потребата од доследна и континуирана примена на законските и подзаконските прописи, протоколите и интерните акти кои се однесуваат на превенција, спречување и санкционирање на сите форми на насилство во училиштата.
4.Се задолжуваат сите основни училишта на територијата на Општина Гази Баба да вршат засилена контрола во однос на почитувањето на куќниот ред, дисциплината и правилата за однесување во и надвор од училишните објекти.
5.Се укажува на неопходноста од навремено препознавање на ризични и девијантни облици на однесување кај учениците, преку засилено ангажирање на стручните служби во училиштата, како и преку редовна комуникација со учениците кои се посочени од класните раководители, родителите и надлежните институции.
6.Се препорачува воспоставување и унапредување на континуирана координација помеѓу училиштата, Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, локалната самоуправа и другите релевантни институции, со цел навремена превенција и ефикасно постапување во случаи на насилство.
7.Се препорачува училиштата да организираат редовни едукативни, советодавни и превентивни активности за учениците, родителите и наставниот кадар, насочени кон развивање култура на ненасилство, меѓусебна почит, толеранција и одговорно однесување.
8.Локалниот совет за превенција при Општина Гази Баба презема обврска, во рамки на своите надлежности и во соработка со надлежните институции, да иницира, организира и реализира едукативни настани, трибини, кампањи и други превентивни активности насочени против секаков вид насилство, со посебен акцент на меѓуврсничкото насилство.
9.Локалниот совет за превенција укажува на потребата од доследно, континуирано и задолжително почитување на процедурите за користење на мобилни телефони и други електронски уреди за време на одржување на наставата во основните училишта, со цел обезбедување поголема дисциплина, подобра концентрација на учениците и намалување на можностите за појава на несоодветни и насилни однесувања.
10.Локалниот совет за превенција дава целосна поддршка на иницијативата на Министерството за образование и наука за повторно воспоставување и зајакнување на механизмот „дежурен наставник“ за време на наставата и училишните одмори, како значаен инструмент за унапредување на редот, дисциплината и безбедноста во воспитно-образовните установи.
11.Се препорачува училиштата да обезбедат ефикасно и континуирано функционирање на системот на дежурства во училиштата, со јасно утврдени обврски и одговорности на наставниот кадар, со цел навремено превенирање и спречување на несоодветни и насилни однесувања.
12.Се препорачува на надлежните институции да ја разгледаат можноста за заострување на казните и санкциите за дела поврзани со врсничко насилство и малолетничка деликвенција.
13.Локалниот совет апелира до сите ученици, родители, наставници и граѓани активно да придонесуваат кон создавање безбедна, достоинствена и ненасилна средина во воспитно-образовните установи.
Заклучоците ќе бидат доставени до сите надлежни институции со цел нивно спроведување.