Денес градоначалникот Бобан Стефковски го отвори јубилејниот 20-ти Интернационален отворен турнир во стрелаштво „Гран При Скопје 2026“, значаен спортски настан кој веќе две децении успешно ги обединува љубителите на спортското стрелаштво и го промовира спортскиот дух, дисциплината и меѓународното пријателство.
Во Општина Гази Баба денес се собрани натпреварувачи од Македонија, Србија, Бугарија, Словенија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Турција, Албанија и Косово, присуство што е доказ дека спортот е најсилниот мост што ги поврзува народите преку почит, фер игра и пријателство.
Искрени честитки до Македонската спортска стрелачка федерација за одличната организација и за нивната долгогодишна посветеност во развојот и афирмацијата на спортското стрелаштво во Македонија.
Општина Гази Баба и понатаму ќе продолжи силно да го поддржува спортот, младите и вистинските спортски вредности, затоа што преку спортот создаваме здрави генерации, победнички дух и сигурна иднина.
На сите натпреварувачи им посака Бобан Стефковски прецизност, успех и фер натпреварување, а на гостите убав престој и пријатни спомени од Скопје и Македонија.