Во ООУ „Стив Наумов“ во Автокоманда се одржа едукативно предавање за девојчињата на тема „Пубертетот и менструалниот циклус кај девојчињата“, со цел младите навремено и правилно да се информираат за промените кои се природен дел од растењето и развојот.
Предавањето беше организирано од страна на Институтот за јавно здравје и Општина Гази Баба, како дел од заложбите за подигнување на свеста кај младите за важноста на биолошкото, репродуктивното и менталното здравје.
Разговорите и едукацијата на овие теми се особено важни затоа што им помагаат на девојчињата полесно да ги разберат промените низ кои поминуваат, да изградат самодоверба и да развијат здрав однос кон сопственото тело и здравје.
Ваквите едукативни активности создаваат простор за отворена комуникација, поставување прашања и добивање стручни совети од професионалци, што е од големо значење за правилен психофизички развој на младите.
Како локална самоуправа, остануваме посветени на поддршката на вакви проекти и активности кои придонесуваат за подобра информираност, едукација и заштита на здравјето на децата и младите. Веруваме дека вложувањето во младите генерации значи вложување во поздрава, посигурна и поодговорна иднина.
Во наредниот период ќе продолжиме со реализација на вакви едукативни предавања и работилници на различни теми, во повеќе училишта на територијата на Општина Гази Баба, со цел што поголем број млади да добијат квалитетна и навремена едукација.
Голема благодарност до Институтот за јавно здравје и директорката Марија Андоновска за одличната соработка, поддршката и заедничката посветеност во реализацијата на овие значајни активности за младите.