Денес, градоначалникот Бобан Стефковски заедно со градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, го означија почетокот на реконструкцијата на мостот „Естакада“ во Автокоманда – проект кој со години беше барање на илјадници граѓани и една од најважните сообраќајни точки во овој дел од градот.
Овој мост има огромно значење затоа што се наоѓа на еден од најфреквентните излези од Скопје и претставува клучна врска за граѓаните кои секојдневно патуваат кон и од општините што гравитираат во овој дел.
Тука секој ден поминуваат работници, ученици, семејства, компании и транспортни возила, а нашата обврска е оваа сообраќајна артерија да биде безбедна, функционална и достојна за граѓаните.
Реконструкцијата опфаќа пристапни рампи на вкупна површина од 10.000 м², од кои 3.800 м² ќе бидат целосно обработени со гребење и вградување на два нови слоја асфалт, додека на делот од мостот ќе биде поставен нов асфалтен слој.
Дополнително, ќе се изврши замена на рабници, изработка на нови асфалтни тротоари, чистење, санација и бојадисување на заштитната пешачка ограда, како и замена на постоечките капаци за шахти.
Вкупната должина на делот што се реконструира изнесува 1,5 километри коловоз.
По завршувањето на реконструкцијата на мостот, веднаш продолжуваме со реконструкција на улицата „Лазар Поп Трајков“ – една од најзначајните сообраќајни артерии во Автокоманда.