Денес е голем ден за Трубарево и за цела Општина Гази Баба.
Со огромна чест и гордост ја пуштивме во употреба новата детска градинка „Кокиче“, капитален проект кој повеќе децении беше желба и потреба на жителите од ова населено место. Денес тоа што долго се чекаше, конечно стана реалност.
Изградивме современа детска градинка на површина од 720 квадратни метри, со пространи и функционални занимални, административни простории, современа кујна и сите неопходни услови за безбеден, квалитетен и среќен престој на најмладите.
Во оваа градинка ќе бидат згрижени повеќе од 60 дечиња, кои тука ќе ги направат своите први чекори во образованието, ќе создадат нови другарства и ќе растат во безбедна и современа средина.
Вредноста на инвестицијата изнесува 47.000.000 денари, средства обезбедени од Буџетот на Општина Гази Баба, додека опремувањето на градинката беше реализирано со средства од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Овој проект е уште еден доказ дека кога институциите работат заедно, резултатите ги чувствуваат граѓаните.
Изградбата на новата градинка беше едно од најважните барања на жителите на Трубарево повеќе децении. Денес тоа ветување е исполнето.
Кога ја побаравме довербата од граѓаните, ветивме работа, а не празни зборови. Ветивме конкретни резултати.
– Денес зад нас не стојат ветувања, туку реализирани проекти.
– Денес ја отвораме градинката „Кокиче“ во Трубарево.
– Истовремено градиме нови детски градинки во Инџиково и помеѓу Маџари и Керамидница.
– Во тек е постапката за избор на економски оператор за изградба на нова детска градинка во Сингелиќ.
– Градиме ново училиште во Ченто.
– Градиме нови спортски сали во Црешево и Железара.
– Реализираме нови канализациони системи во Јурумлери и Идризово.
– Градиме одводни канали во Сингелиќ и Стајковци.
– Асфалтираме улици, градиме пешачки патеки и реализираме десетици инфраструктурни проекти низ целата општина.
Со еден збор – Гази Баба е едно големо градилиште!
Искрена благодарност до претседателот на Владата, проф. д-р Hristijan Mickoski за поддршката и заедничката посветеност во реализацијата на проекти кои носат подобар живот за граѓаните.
Благодарност и до Министерството за социјална политика, демографија и млади, директорката на градинката, проектантите, изведувачите, надзорот и сите кои беа дел од оваа успешна приказна.
Најголемата вредност на оваа инвестиција не се бројките, туку детската смеа што од денес ќе се слуша во новата градинка.
На дечињата им посакувамe среќно, безгрижно и исполнето детство, многу игра, нови другарства и прекрасни спомени, а на вработените успешна и исполнета работа.
Продолжуваме да работиме. Продолжуваме да ги исполнуваме ветувањата. Продолжуваме да ја градиме Гази Баба – општина во која вреди да се живее!