Денес, градоначалникот Бобан Стефковски заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, извршија увид во градежните работи за уредување на коритото на каналот за одводнување во Сингелиќ – проект што долго време беше барање на жителите и кој конечно добива реализација.
Овој канал е изграден во 1965 година со цел да ги прифаќа атмосферските води и да обезбеди заштита од поплави. Од неговата изградба до денес, никогаш не било извршено вакво темелно уредување. По повеќе од шест децении, за првпат се инвестира во негова реконструкција и модернизација.
Вкупната должина на трасата изнесува 1.273,76 метри, а во оваа прва фаза се реализираат 673 метри. Преостанатиот дел ќе биде изведен во втората фаза, со што каналот ќе биде целосно уреден.
Вредноста на договорот изнесува 21.073.863 денари со ДДВ, средства обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Рокот за изведба на градежните работи е 9 месеци, а работите се одвиваат согласно предвидената динамика.
Каналот се изработува од бетон, со армирано-бетонски плочи и дилатациони фуги помеѓу плочите, што ќе обезбеди долготрајност, поголема безбедност и подобра функционалност.
Овој проект е едно од ветувањата што им го дадовме на жителите на Сингелиќ. Денес тоа ветување се претвора во реалност.
Она што со години било запоставено, денес се реализира. Не зборуваме само за планови – работиме на терен, инвестираме во инфраструктурата и решаваме проблеми што директно влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните.
Продолжуваме со реализација на капитални проекти во сите населени места, затоа што секој граѓанин заслужува безбедна, современа и функционална инфраструктура.
Нашиот фокус се и остануваат граѓаните!