Денес започнуваме со реализација на уште еден значаен инфраструктурен проект за Општина Гази Баба – реконструкцијата на улицата „Жан Жорес“, на делницата од Кино Маџари до натпатникот кај ООУ „Наум Наумовски Борче“.
Овој проект предвидува целосна реконструкција на коловозот, како и изградба на нови, современи пешачки патеки, со што ќе се подобрат условите за безбедно и непречено движење на пешаците и возилата. По долг временски период, жителите на овој дел од општината ќе добијат современа и квалитетна сообраќајна инфраструктура, каква што заслужуваат.
Вкупната вредност на проектот изнесува 6.154.539 денари, средства обезбедени преку вториот јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти на Владата на Република Македонија, со кофинансирање од буџетот на Општина Гази Баба.
Реконструкцијата на улицата „Жан Жорес“ е еден од вкупно 20 капитални проекти што во овој период се реализираат во Општина Гази Баба со поддршка од Владата на Република Македонија. Ова претставува силен инвестициски циклус кој значи нови улици, подобра инфраструктура и поквалитетни услови за живот во сите населени места.
Оваа реконструкција беше мое јавно ветување пред граѓаните, дадено за време на изборната кампања. Денес не зборуваме за планови, туку за конкретна реализација. Уште еднаш покажуваме дека дадениот збор има тежина само кога е исполнет.
Граѓаните не очекуваат изговори – очекуваат резултати. Токму затоа секој ден работиме посветено, домаќински и одговорно создавајќи дела!
Со секој нов проект ја подобруваме инфраструктурата, ја зголемуваме безбедноста, создаваме подобри услови за секојдневниот живот и градиме општина која рамномерно се развива во секој нејзин дел.
Продолжуваме со силно темпо, со нови инвестиции, нови проекти и исполнети ветувања. Продолжуваме да работиме затоа што делата се најсилниот доказ за посветеноста кон граѓаните.