Денес во просториите на Општина Гази Баба беше потпишан трипартитен Меморандум за соработка помеѓу Општина Гази Баба, ЈКП „Гази Баба 2007“ и ЈП „Лајка“, со што поставуваме цврсти темели за поорганизиран и поефикасен пристап во справувањето со проблемот со бездомните миленици.
Овој меморандум претставува значаен чекор кон воспоставување системска, координирана и одговорна соработка, насочена кон следење на состојбите на терен, намалување на популацијата на бездомните миленици и создавање побезбедна и похумана средина за сите граѓани.
Заедничката соработка ќе овозможи побрза комуникација, подобра координација на институциите и навремено преземање активности согласно законските надлежности, со што ќе се обезбеди поефикасно решавање на предизвиците со кои се соочуваат нашите населени места.
Како локална самоуправа остануваме целосно посветени на изнаоѓање одржливи и хумани решенија кои истовремено ја гарантираат безбедноста на граѓаните и грижата за животните.
Благодарност до директорот на ЈП „Лајка“, Војислав Димитровски, за покажаната подготвеност, професионалност и партнерски однос во реализацијата на оваа важна иницијатива.
Веруваме дека преку заедничка работа, координација и меѓуинституционална соработка ќе постигнеме конкретни и видливи резултати, во интерес на сите жители на Општина Гази Баба.
Продолжуваме да работиме одговорно, посветено и транспарентно, реализирајќи политики и проекти кои го подобруваат квалитетот на живот и ја прават Гази Баба побезбедна, почиста и поуредена општина.