Секоја нова градинка што ја градиме не е само нов објект од бетон и челик – таа е темел на едно посигурно, поквалитетно и попросперитетно општество. Тоа е инвестиција во иднината, во семејството и во генерациите што доаѓаат.
Денес, градоначалникот Бобан Стефковски заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, извршија увид во градежните активности за изградба на новата детска градинка помеѓу Маџари и Керамидница – проект кој претставува уште едно големо исполнето ветување кон граѓаните на Гази Баба.
Ова е третата нова детска градинка што ја градиме во нашата општина. Тоа не е случајност, туку резултат на јасна стратегија – да создаваме услови во кои младите семејства ќе останат да живеат, да работат и да ја градат својата иднина токму овде. Општина што мисли на своите деца е општина што има визија за својата иднина.
Новиот современ објект ќе се простира на 1.360 м², ќе биде изграден на приземје и еден кат и ќе обезбеди простор за згрижување на 150 деца. Ќе располага со 10 современо опремени занимални – две за јасли и осум за децата од предучилишна возраст. Вредноста на инвестицијата изнесува 147 милиони денари, средства обезбедени преку вториот повик на Владата, а рокот за изградба е 18 месеци.
Она што особено охрабрува е динамиката на терен. Работите се одвиваат со силно темпо и доколку продолжи вака, очекувам овој капитален проект да биде завршен пред договорениот рок. Тоа е доказ дека кога институциите работат координирано, кога постои одговорност и посветеност, резултатите доаѓаат побрзо од очекуваното.
Но, ние не застануваме тука.
Наскоро започнуваме со изградба и на четвртата нова детска градинка во Сингелиќ. Постапката за избор на економски оператор е во завршна фаза и многу брзо ќе започне реализацијата и на овој значаен проект. Нашата цел е јасна – да обезбедиме доволно места за секое дете, да ги намалиме листите на чекање и да им дадеме вистинска поддршка на младите родители.
Денес не зборуваме за планови на хартија. Денес зборуваат градилиштата, машините, реализираните проекти и промените што секој граѓанин може да ги види и почувствува.
Работиме секој ден со целосна посветеност. Често и по 12 часа дневно. Не затоа што тоа е обврска, туку затоа што чувствуваме одговорност кон секој човек што ја дал својата доверба. Секој ден е можност да реализираме уште еден проект, да решиме уште еден долгогодишен проблем и да изградиме уште едно дело што ќе остане зад нас.6
Продолжуваме со силно темпо, со нови инвестиции, нови училишта, нови градинки, нови улици, паркови и инфраструктурни проекти што ќе го подобрат квалитетот на животот во секое населено место.
Делата се најсилниот аргумент. Резултатите се најдобриот одговор, а довербата на граѓаните се оправдува единствено со чесна, одговорна и посветена работа.