Денес ги доделивме решенијата за субвенции за набавка на сончеви колектори и за вградување на уреди за течен нафтен гас (ТНГ) во возилата, со што уште еднаш ја потврдуваме нашата определба да инвестираме во мерки кои имаат директен и позитивен ефект врз животот на граѓаните.
Со овие субвенции им помагаме на семејствата да ги намалат трошоците за енергија и гориво, а воедно ги поттикнуваме да изберат решенија кои се поекономични, поефикасни и поеколошки.
Заштитата на животната средина е наша заедничка обврска. Секој поставен сончев колектор и секое возило што користи поеколошко гориво значат помали штетни емисии, почист воздух и поздрава животна средина за сите нас. Токму затоа Општина Гази Баба континуирано инвестира во мерки кои придонесуваат за одржлив развој и создавање подобри услови за живот.
Како локална самоуправа остануваме доследни на принципот дека буџетот треба да се враќа кај граѓаните преку конкретни проекти и мерки од кои тие имаат директна корист. Наместо празни ветувања, реализираме политики што носат реални резултати и вистинска поддршка за секое семејство.
Во изминатите години повеќе од 10.000 граѓани искористиле некоја од мерките што ги реализира Општина Гази Баба и добиле финансиски средства од општинскиот буџет. Оваа бројка е најдобар показател дека мерките што ги спроведуваме се препознаени, потребни и корисни за нашите сограѓани.
Ќе продолжиме и во наредниот период да вложуваме во нови мерки и програми кои ќе го подобруваат животниот стандард, ќе ја зголемуваат енергетската ефикасност, ќе ја штитат животната средина и ќе придонесуваат за развојот на нашата општина.
Ви благодариме за довербата што ја давате и заедно ќе продолжиме да ја градиме Гази Баба како модерна, развиена, зелена и општина по мерка на граѓаните.