Денес, кога одбележуваме 124 години од раѓањето на Методија Андонов Ченто, се потсетуваме на еден од најзначајните македонски дејци, човек чиј живот и дело се нераскинливо поврзани со стремежот за слободна, самостојна и достоинствена Македонија.
Во чест на неговиот лик и дело, положивме свежо цвеќе пред неговиот споменик во паркот во Ченто, со длабока почит кон човекот кој не се откажа од своите идеали ниту во најтешките моменти од својот живот.
Свежо цвеќе положија делегации на Општина Гази Баба, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, Сојузот на борци на Македонија, Здружението на пензионери Гази Баба, Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Гази Баба, како и делегации од граѓани и почитувачи на ликот и делото на Методија Андонов Ченто.
Ченто не бил човек на празни зборови. Тој бил човек на идеал, на визија и на непоколеблива верба дека македонскиот народ има право на своја слобода, на свој политички и национален развој и на иднина во која Македонија ќе биде своја на своето.
Неговото име засекогаш е поврзано со АСНОМ, со историскиот процес во кој македонскиот народ ги постави темелите на својата современа државност. Како прв претседател на Президиумот на АСНОМ, Ченто ја носеше одговорноста на човек кој ја разбира историската тежина на моментот и значењето на создавањето на македонската држава.
АСНОМ не е само историски датум. АСНОМ е симбол на една генерација која веруваше дека Македонија треба да има свое место, свои институции, свој јазик, своја култура и право сама да ја гради својата иднина.
Во таа историска борба, Ченто ја гледаше Македонија како заеднички дом на сите нејзини граѓани – земја во која ќе се почитуваат слободата, достоинството и правото на човекот да живее слободно и рамноправно.
Неговата животна приказна нè потсетува дека патриотизмот не е само збор. Патриотизмот е љубов кон татковината, почит кон народот, грижа за идните генерации и подготвеност да се брани она во што искрено веруваме.
Ченто плати висока цена за своите уверувања. Но, и покрај страдањата и неправдите што ги доживеал, неговото име не исчезна. Напротив – со текот на времето неговото дело станува уште посилно присутно во колективната меморија на македонскиот народ.
Денес нашата обврска е да не дозволиме да се заборави неговиот идеал. Да ја чуваме Македонија, да го почитуваме македонскиот јазик, култура и историја и да градиме држава во која младите ќе гледаат иднина, а секој човек ќе може да живее со достоинство.
Да го почитуваме Ченто не само со зборови и цвеќе, туку и со дела – со чесност, одговорност, единство и работа за Македонија.
Историјата не ја сочинуваат само датумите во учебниците. Историјата ја создаваат луѓето кои во најтешките времиња имаат храброст да сонуваат за подобра иднина.
Методија Андонов Ченто сонувал за Македонија. А наша должност е тој сон да го чуваме, да го надградуваме и да го пренесеме на идните генерации.
Вечна слава и почит за Методија Андонов Ченто – син на Македонија и симбол на борбата за македонска државност.
Неговото дело е наша историја. Неговата љубов кон Македонија е наш аманет.