Денес градоначалникот Бобан Стефковски беше на увид на завршницата на еден значаен инфраструктурен проект за Општина Гази Баба – реконструкцијата на улицата „Жан Жорес“, на делницата од Кино Маџари до натпатникот кај ООУ „Наум Наумовски Борче“ во Маџари.
Целосно го реконструираме коловозот изградиве нови, современи пешачки патеки, со што значително ги подобривме условите за безбедно и непречено движење на пешаците и возилата.
Оваа реконструкција се реализира по повеќе од 60 години. По толку долг период, жителите на овој дел од општината конечно добиваат современа, безбедна и квалитетна сообраќајна инфраструктура каква што заслужуваат.
Вкупната вредност на проектот изнесува 6.154.539 денари, средства обезбедени преку вториот јавен повик за финансирање инфраструктурни проекти на Владата на Република Македонија, со кофинансирање од буџетот на Општина Гази Баба.
Реконструкцијата на улицата „Жан Жорес“ е еден од вкупно 20 капитални проекти што во овој период се реализираат во Општина Гази Баба.
Ова е силен инвестициски циклус кој значи нови улици, подобра инфраструктура, поголема безбедност и поквалитетни услови за живот во сите населени места.
Уште еднаш покажуваме дека дадениот збор има тежина само кога е исполнет.
Граѓаните не очекуваат изговори – очекуваат резултати. Токму затоа секој ден работиме посветено, домаќински и одговорно, создавајќи конкретни дела за граѓаните.
Со секој нов проект ја подобруваме инфраструктурата, ја зголемуваме безбедноста, создаваме подобри услови за секојдневниот живот и градиме општина која рамномерно се развива во секој нејзин дел.
Продолжуваме со силно темпо – со нови инвестиции, нови проекти и исполнети ветувања.
Продолжуваме да работиме затоа што делата се најсилниот доказ за посветеноста кон граѓаните!