Општина Гази Баба продолжува посветено со реализација на мерки и проекти кои создаваат еднакви можности за секое дете!
Утрово, во Клубот на пратеници градоначалникот Бобан Стефковски го потпиша договорот за поддршка на проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“, со кој уште еднаш ја потврдуваме нашата определба за создавање инклузивно, праведно и еднакво општество за сите.
Преку овој проект обезбедуваме целосно бесплатна инклузија и престој на дечињата Роми во предучилишното образование, затоа што веруваме дека секое дете заслужува да има еднаков почеток, еднаква шанса и еднакви услови за правилен раст и развој.
Општина Гази Баба инклузијата на дечињата Роми ја спроведува во клоновите на ЈУДГ „25 Мај“, каде што најмалите ќе имаат можност секојдневно да учат, да се дружат, да создаваат нови пријателства и заедно со своите врсници да ги градат првите темели на своето образование.
За родителите, оваа мерка значи конкретна и директна поддршка, бидејќи тие се ослободени од плаќање на надоместокот за престој на нивните деца во детската градинка.
Секое дете е важно. Секое дете има потенцијал. Секое дете заслужува можност. Токму затоа вложувањето во најмладите не е само обврска, туку и наша најголема одговорност кон иднината.
Инклузијата започнува од најмали нозе. Кога децата растат заедно, се запознаваат, се почитуваат и си помагаат едни на други, тогаш создаваме генерации кои ќе бидат похумани, посолидарни и подготвени да живеат во општество во кое различностите се богатство, а не пречка.
Предучилишното образование е еден од најважните чекори во развојот на секое дете, затоа што токму таму се стекнуваат првите навики, знаења и социјални вештини кои понатаму го трасираат патот низ целиот образовен процес.
Како единица на локалната самоуправа, имаме обврска да креираме услови во кои секое дете ќе може да расте, да учи и да напредува без разлика на својата припадност или социјален статус.
Нашата цел е да создадеме услови дечињата од Општина Гази Баба да прераснат во самоуверени, образовани и силни индивидуи, подготвени да ги остварат своите соништа и активно да придонесуваат кон заедницата.
Ова не е само проект – ова е вложување во иднината. Вложување во децата, во нивното образование, во нивната благосостојба и во општество во кое сите имаат еднакви можности.
Продолжуваме да работиме на создавање општина во која никој нема да биде заборавен и во која секое дете ќе има место, поддршка и шанса за успех.
Се грижиме за сите! Заедно градиме инклузивна Гази Баба – општина за сите нејзини граѓани, а пред сè, за нашите најмлади!