По повод 15 септември – Денот на демократијата, градоначалникот Бобан Стефковски учествуваше на тркалезна маса организирана од УНДП Македонија, посветена на транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните во демократските процеси.
Особена чест ни е што Општина Гази Баба беше поканета како една од најтранспарентните општини во Скопје.
Ова не е само признание за сработеното, туку потврда дека кога институцијата се отвора кон граѓаните, се менува и начинот на кој ја разбираме локалната власт.
Нашата појдовна точка беше едноставна: општината не е зграда, администрација или функција – општината се граѓаните.
Затоа ги вративме во функција месните и урбаните заедници, како вистински механизам преку кој ги слушаме потребите на граѓаните од секое маало и населба.
Секоја година организираме граѓански дијалог за креирање на буџетот, затоа што граѓаните не треба само да бидат информирани за одлуките – тие треба да учествуваат во нивното креирање.
Воведовме отворени финансии и граѓански буџет, бидејќи јавните средства не се пари на градоначалникот, Советот или администрацијата – тоа се пари на граѓаните.
Воведовме и годишен отчет пред граѓаните: што ветивме, што реализиравме, што не успеавме да реализираме и зошто.
Со директното пренесување на седниците на Советот на Општина Гази Баба, овозможивме граѓаните да следат како се носат одлуките и како гласаат нивните избрани претставници.
Но, најважната лекција е дека транспарентноста не започнува со технологијата – започнува со политичка волја.
Не треба да се плашиме од граѓаните и од нивните прашања. Напротив – колку повеќе ја отвораме институцијата, толку повеќе ја зајакнуваме нејзината легитимност.
Граѓанинот не е пречка за ефикасно управување. Граѓанинот е неговиот најважен партнер.
Тоа е принципот по кој ја градиме Општина Гази Баба – отворена, транспарентна и отчетна општина, во служба на граѓаните.