Денес е голем ден за Ченто, голем ден за Гази Баба и голем ден за сите наши деца!
Со особена гордост, денес го пуштивме во употреба новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во Ченто – современ, функционален и целосно инклузивен објект, создаден да им обезбеди на учениците квалитетни услови за учење, развој и остварување на нивните соништа.
По цели 62 години, на местото на старите и дотраени бараки поставени по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, денес имаме ново училиште, достојно за нашите ученици, наставници и за иднината што заедно ја градиме.
Ова е промена што долго се чекаше, потреба што со децении постоеше и ветување што денес станува реалност!
Со инвестиција од 170 милиони денари, изградивме современ училиштен објект на приземје и еден кат, со вкупна површина од 3.128 квадратни метри, 30 кабинети и капацитет за 713 ученици.
Новото училиште е целосно инклузивно и располага со лифт, затоа што секое дете заслужува еднакви можности, пристапно образование и услови во кои ќе може да го развива својот потенцијал.
За нас, ова не е само нова училишна зграда. Ова е инвестиција во знаењето, во иднината, во детските соништа и во генерациите што доаѓаат!
Како градоначалник, мојот приоритет е да работам за секое населено место, за секое семејство и за секое дете во општина Гази Баба, потребите на граѓаните да ги претвораме во конкретни проекти и видливи резултати.
А нашата работа продолжува! Новото училиште „Крсте Мисирков“ е дел од низата проекти со кои создаваме подобри услови за живот, образование, воспитување и спорт во целата општина. За само неколку дена, ќе пуштиме во употреба и нова детска градинка во Инџиково, со што ќе создадеме подобри услови за најмладите и поголема сигурност за нивните родители.
Во Црешево отвораме нова спортска сала, а истовремено работиме на доградба на основните училишта „Крум Тошев“ во Трубарево и „Његош“ во Јурумлери.
Градиме и нова спортска сала во основното училиште „Григор Прличев“ во Железара, создавајќи повеќе можности за спорт, физичка активност и здрав развој на младите.
Ова се конкретни проекти, инвестиции што остануваат зад нас и резултати што ќе ги користат сегашните и идните генерации.
Нашата визија е јасна – Гази Баба да биде општина во која децата растат во современи услови, родителите имаат поголема сигурност, младите добиваат повеќе можности, а секое семејство гледа подобра иднина за своите најблиски.
Упатувам посебна благодарност до претседателот на Владата,
Hristijan Mickoski за поддршката во реализацијата на проекти од исклучително значење за граѓаните на општина Гази Баба.
Кога институциите соработуваат, кога постои заедничка волја и кога сите работиме со јасна цел, резултатите стануваат видливи, а придобивките ги чувствуваат граѓаните.
Благодарност до сите институции, проектанти, изведувачи, работници и до сите што беа дел од реализацијата на овој значаен проект.
Најголема благодарност до жителите на Ченто, родителите, наставниците и учениците за нивното трпение, доверба и поддршка. Ова училиште е создадено за вас и за иднината на вашите деца!
Драги ученици, ова училиште е ваше! Чувајте го, исполнете го со знаење, другарство, насмевки и успеси. Верувајте во себе, сонувајте големи соништа и бидете храбри во нивното остварување. Вашите успеси ќе бидат најголемата награда за сите наши вложувања!
Нека е со среќа новото училиште „Крсте Мисирков“!
Нека биде место на знаење, другарство, успеси и среќно детство за многу идни генерации!