Градоначалникот
Бобан Стефковски присуствуваше на прекрасната ревија на народни носии од Скопската Блатија, од богатата колекција на Достана Караѓозоска Станковска, која брои над 200 народни носии. Настанот беше дел од одбележувањето на 12-годишнината од формирањето на фолклорниот ансамбл „Седенка“ од Булачани.
Во секој конец, во секој вез и во секоја боја е вткаен дел од животот на нашите предци. Нивната умешност, нивната радост, нивната мака и нивната љубов кон родното огниште. Да се зачува народната носија значи да се зачува живо сведоштво за тоа кои сме и од каде доаѓаме.
Огромна почит до Достана Караѓозоска Станковска за посветеноста со која го собира и го чува ова непроценливо богатство. Благодарение на ваквите луѓе, наследството добива нов живот, а младите добиваат можност одблизу да ја запознаат убавината на македонската традиција.
Честитки за 12 години постоење на фолклорниот ансамбл „Седенка“ од Булачани! Дванаесет години исполнети со песни, ора, труд и љубов кон македонскиот фолклор. Благодарност до сите генерации членови кои со гордост ја облекуваат носијата и ја пренесуваат традицијата од срце на срце.
Наша обврска е да ги поддржуваме овие чувари на културното наследство. Да создаваме простор во кој децата ќе го научат орото, ќе ја запеат песната и ќе ја почувствуваат гордоста што ја носи секој македонски вез.
Додека има раце што ја чуваат носијата, гласови што ја пеат македонската песна и млади што го продолжуваат орото – македонската традиција ќе живее.