
Започнуваме сеопфатен граѓански дијалог за креирање на Буџетот на Општина Гази Баба за 2027 година, затоа што веруваме дека најдобрите одлуки се носат тогаш кога во нивното креирање активно учествуваат оние за кои се наменети – граѓаните.
Буџетот на општината не е само финансиски документ. Тој е план за развој, одговор на потребите на заедницата и основа за реализација на проектите што го подобруваат секојдневниот живот. Затоа, сакаме неговото креирање да биде заеднички процес, во кој секој граѓанин ќе има можност да го искаже своето мислење, да предложи идеја и да посочи што е навистина важно за неговото населено место.
Во рамки на овој процес ќе организираме буџетски форуми на повеќе локации низ општината, каде што граѓаните ќе имаат можност директно да разговараат, да ги споделат своите предлози, да ги посочат приоритетите и да дадат конкретен придонес во креирањето на буџетските политики за 2027 година.
ПРВ ГРАЃАНСКИ БУЏЕТСКИ ФОРУМ
– Датум: 10.11.2026 година (вторник)
– Време: 18:00 часот
– Локација: Дом на културата „Димитар Влахов“ – Автокоманда
Форумот е наменет за граѓаните од населените места Автокоманда, Железара и Керамидница.
ВТОР ГРАЃАНСКИ БУЏЕТСКИ ФОРУМ
– Датум: 10.11.2026 година (вторник)
– Време: 19:30 часот
– Локација: ООУ „Н.Н. Борче“
Форумот е наменет за граѓаните од населените места Триангла, Маџари 1, Кирил Петрушевски, Хиподром и Хиподром 2.
Ги повикуваме жителите од сите наведени населени места да земат активно учество, да ги споделат своите предлози, да ги посочат проблемите со кои секојдневно се соочуваат и да предложат проекти и решенија кои ќе придонесат за подобар квалитет на живот во нивните маала.
За сите оние кои сакаат своите предлози да ги достават електронски, отворена е и посебна е-маил адреса: tvojaideja@gazibaba.gov.mk
Испратете ни ја вашата идеја, иницијатива или предлог за проект за кој сметате дека треба да биде дел од Буџетот за 2027 година. Споделете што недостасува во вашето маало, кој проблем треба да се реши и какви промени сакате да видите во вашата населба и во општината.
Нашата определба е процесот на креирање на буџетот да го темелиме на транспарентност, отвореност и активно граѓанско учество. Сметаме дека граѓаните најдобро ги познаваат предизвиците во своите населени места и дека нивните предлози треба да бидат важен дел од утврдувањето на општинските приоритети.
Не сакаме само да ги информираме граѓаните за тоа како се планира буџетот. Сакаме да создадеме вистински простор за дијалог, размена на идеи и заедничко дефинирање на проектите и инвестициите што ќе ја обликуваат Гази Баба во наредната година.
Ве повикуваме да бидете дел од процесот! Вашиот предлог може да биде иницијатива за подобро маало, вашата идеја може да придонесе за решавање на долгогодишен проблем, а вашето учество може да направи вистинска разлика.
Затоа што кога станува збор за развојот на општината, секој глас е важен, секоја идеја заслужува внимание и секој граѓанин треба да има можност да учествува.
ГРАЃАНИТЕ ОДЛУЧУВААТ!
ТВОЕТО МИСЛЕЊЕ, НАШ ПРИОРИТЕТ!!