Првата и Втората балканска војна по својата жестокост, разурнувања, човечки жртви и последиците што ги оставиле на територијата на Македонија, претставувале најкрвави воени судири во историјата на дотогаш единствената и се уште неподелена Македонија. Првата балканска војна започнала на 18 октомври 1912 година, а се водела помеѓу соседните балкански држави Србија, Бугарија и Грција од една и Турција од друга страна Територијата на сегашната Општина Гази Баба за време на Балканските војни не биле директно зафатени со воени дејства. Сепак, низ повеќето населени места на денешната територијата на Општината поминувала многубројна војска од составот на Седмиот корпус на Турската вардарска армија, чиј штаб се наоѓал во Скопје.
Во административно-територијален поглед, денешната територија на Општина Гази Баба била вклучена во Скопскиот округ со седиште во Скопје, во чиј состав влегувале Скопската, Велешката и Качаничката околија.Набргу потоа била извршена нова територијална поделба базирана на поделба по општини. На територијата на денешната Општина Гази Баба во тоа време биле формирани три нови општини. Едната била Асанбеговската општина кон која биле приклучени следниве села: Асанбегово (со 340 жители), Инџиково(со 122 жители), Маџари (со 250 жители) Стајковце со заселокот Рукомија (со 55 жители) и Трубарево (со 113 жители), или вкупно Општината броела 880 жители. Втората била Брнарската општина со следниве населени места: Брнарце (со 141 жители), Арачиново (со 157 жители), Бара, Мојанце (со 185 жители), Орланци (со 146 жители) Страчинце (со 205 жители), или вкупно Општината броела 834 жители. Третата била Булачанската општина, која воедно имала и најголем број жители. Во Општината влегувале следниве населени места: Булачани (со 794 жители), Раштак (со 406 жители), Црешево (со 885 жители), Бутел со заселокот ?ифлик (со 101 жители) и Бутел, или вкупно Општината броела 2.186 жители.
И покрај формирањето на повеќе административни центри и општини, состојбата на образовен и економски план во сите населени места на денешната територијата на Општината, воопшто не се подобрила од поранешната. Дел од земјата на беговите и агите била продадена на Македонците а некаде таа земја била на сила земена од селаните па така во с. Булачани селаните не им дозволувале на тамошните бегови да ја обработуваат земјата, бидејќи сметале дека таа требало да им припадне на сите жители на селото. Главното занимање на селаните во тоа време било козарството, а мал број одгледувале говеда и овци како и во с Црешево каде селаните се занимавале со сточарство и шумарство.
Набргу по завршувањето на Втората балканска војна, летото 1914 година започнала Првата светска војна. За време на овие борбени судири, територијата на денешната Општина Гази Баба не била директно зафатена со борбени дејствија.