Археолошки локалитети

Археолошки локалитети

АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТИ

Археолошките локалитети на територијата на Општина Гази Баба потекнуваат од праисторијата и од антиката. Се наоѓаат на целата територија на Општината и претставуваат редок материјален доказ за духовната и материјалната култура на луѓето кои тука живееле пред два милениума.

Археолошки локалитет во с. Брњарци

Ирма, населба од римско време. Се наоѓа југоисточно од селото, каде во ниви се откриени темели од поголем објект.

Љатина, некропола од римско време. Се наоѓа 2 км јужно од селото, на простор 50 х 50, каде се гледаат остатоци од римски надгробни стели, а пронајдени се и повеќе стари монети.

Тумба, населба од неолитско време.

Се наоѓа 1 км јужно од селото, каде на површина од 0,50 ха откриени се фрагменти од керамички садови, кремени и камени орудија и др.

Археолошки локалитет во с. Булачани

Кула, утврдување - рефугиум од доцноантичко време. На 2,5 км северно од селото и исто толку од с. Раштак, на еден висок планински гребен, на простор 100 х 30 м се гледаат ѕидови од камен и варов малтер.

Археолошки локалитет во Камник

Некропола од римско време, каде биле откриени 7 гроба, од кои четири со инхумирани и три со кремирани покојници.

Археолошки локалитет во Маџари

Ограда, населба од римско време, која е откриена во една нива на површина од 5 ха. При ископот најдени се поголем број фрагменти од керамички садови и многу градежен материјал, а откриени се и темели на повеќе објекти.

Тумба, населба од неолитско време. Се наоѓа на североисточниот крај на Скопје, во просторот меѓу современите населби Маџари 2 и Ченто, непосредно до фудбалското игралиште.Констатирано е дека се работи за остатоци од повеќеслојна населба, со културен слој од 3 м во кој се разграничуваат три хоризонти на живеење од времето на средниот неолит. Најдени се голем број остатоци од керамички садови. Покрај керамиката, значајна е и откриената култна пластика. Големата мајка божица, - заштитничката на плодноста, е претставена на начин што засега е непознат меѓу неолитските култури од другите балкански простори. Тоа е божица со наративна иконографија, која е збогатена со палеоетнографски содржини.

Улица “Димче Милошевски” осамен наод од римско време, каде е пронајден поголем фрагмент од надгробна плоча со латински натпис.

Археолошки локалитет во с. Раштак

Чифлик, населба од доцноантичко време, која се наоѓана околу 300 м јужно од селото, на површина од околу 3 ха.Тука се среќава изобилство од градежни материјали, но и многубројни фрагменти од керамички садови, питоси и неколку императорски монети.

Археолошки локалитет во Рокомија

Осамен наод од римско време при што бил откриен гроб од IV век за чија конструкција се употребени четири надгробни стели со латински натписи.

Археолошки локалитет во с. Стајковци

Тумба -Круша, населба од неолитско и римско време.Помеѓу селата Стајковци и Синѓелиќ забележлива е тумба која зафаќа простор од околу 2 ха. Ископани се повеќе фрагменти од керамички садови, кремени и камени орудија,куќен лепеж, а поретко се среќаваат и наоди од римско време.

Археолошки локалитет во Хиподром

Клучка - Хиподром, некропола од доцнобронзено време и населба од средниот век. Пронајдени се гробови со кремирани покојници погребани во урни. Откриени се вкупно 11 гробови-урни, а исто така и остатоци од средновековна населба.

Археолошки локалитет во с. Црешево

Крши Дол, некропола од римско време, каде се пронајдени повеќе надгробни споменици со латински натпис Селиште, осамен наод од римско време, каде е откриен жртвеник со латински натпис, посветен на божествата Јупитер и Јунона.

Смиљковце, населба од римско време, каде се откриени темели од објекти градени од камен со варов малтер. По површините се среќаваат градежни материјали и фрагменти од керамички садови.

Историски споменици

ИСТОРИСКИ СПОМЕНИЦИ

Споменик на Методија Андонов - Ченто.
Поставен е во паркот во центарот на населбата Ченто, која го носи неговото име.

Споменик на Јосип Броз - Тито.
Поставен е во дворот на Металскиот завод -Тито, кој го носи неговото име.

Спомен – биста на Григор Прличев.
Спомен бистата на преродбеникот и писател е поставена во дворот на ОУ во Железара, кое го носи неговото име.

Спомен-биста на Стеван Наумов - Стив.
Спомен-биста на народниот херој има на две места и тоа: една во дворот на основното училиште кое го носи неговото име во Автокоманда и другата, во дворот на Студентскиот дом, што исто го носи неговото име, исто така во Автокоманда.

Спомен-биста на Оливера Јоциќ - Вера.
Спомен-бистата на народниот херој е поставена во дворот на основното училиште кое го носи нејзиното име, во населбата Маџари.

Спомен-биста на Елисие Поповски - Марко.
Поставена е во дворот на Полициската академија која го носи неговото име,во Идризово.

Спомен-биста на Дане Крапчев - Стари.
Поставена е во дворот на основното училиште кое го носи неговото име, во населба Маџари.

Спомен-биста на Наум Наумовски - Борче.
Поставена е во дворот на основното училиште кое го носи неговото име, во населбата Маџари.

Спомен-белег на загинатите борци во Народноослободителната војна и жртви на фашизмот во с. Булачани.
Поставен е на фасадата на зградата на основното училиште во селото.

Спомен-белег на загинатите борци во Народноослободителната војна во Маџари.
Поставен е на фасадата на зградата на основното училиште Наум Наумовски - Борче во Маџари.

Спомен-белег на загинатите борци во Народноослободителната војна од с. Раштак.
Поставен е на фасадата на зградата на месната заедница во селото.

Спомен-белег од Народноослободителната војна на куќата во која живееше и работеше Алија Авдовиќ, во Синѓелиќ.

Спомен-белег од Народноослободителната војна на куќата во Синѓелиќ, во која живееше и работеше Оливера Јоциќ.

Спомен-белег на загинатите борци во Народноослободителната војна од Синѓелиќ.
Поставен е на фасадата на зградата на месната заедница.

Спомен-белег на загинатите борци во Народноослободителната војна од с. Црешево.
Во селото постојат два спомен-белега. Едниот е поставен на училишната зграда во селото во 1951 година, а вториот е поставен на истата училишна зграда во 1971 година.

Верски објекти

ЦРКВИ

с. Раштак

Црква “Св. Спас”. На местото на денешната црква претходно постоел стар верски црковен објект. Постоечката мала и разурната црква била обновена 1861 година од месното население. Иконостатост бил довршен 1866 година, а во 1928 година била поставена и камбанаријата. Во обновената црква посебно внимание привлекува иконостасот со ликот на светата маченица Злата Магленска со народна носија од ова село. Во црквата се наоѓала и една стара црковна книга печатена во Венеција во 1537 година, која од 1992 година се чува во Народната библиотека во Скопје.

с. Трубарево

Црква “Св. Ѓорѓи Победоносец”. Црквата е нова градба,а била осветена 1982 година. На ова место уште од турско време постоел крст, каде месното население секоја година се собирало за време на верскиот празник Ѓурѓовден. За да се ове ковечи ова традиционално свето место, кое со векови било собиралиште на верниците, по иницијатива на месното население подигната е црквата, вековна желба на многубројни генерации жители на селото од најстари времиња до денес.Црквата била изградена на место каде, според верувањата, луѓето од најстари времиња се собирале да го прославуваат верскиот празник посветен на свети Ѓорѓија. Црквата е обновена и декорирана со фрески и икони. Во поново време е изградена и црковната камбанарија, како и оградата околу црквата.

с. Синѓелиќ

Црква “Св. Кирил и Методиј”(меѓу народот позната и како “Св. Ѓорѓи”). Црквата е новоградба, чии темели биле поставени во 1973 година, а била осветена во 1975 година.На ова место во далечната 1938 година бил поставен крст од исклесан камен. Местото имало големо верско значење и е собиралиште за одбележување и прославување на верскиот празник посветен на св. Ѓорѓи - Ѓурѓовден.

с. Идризово

Црква “Воведение на Пресвета Богородица - Пречиста”.На местото на сегашната црква уште од најстари времиња бил поставен крст исклесан од камен. Не се знае кога бил поставен крстот. Но на ова место луѓето од памтивек ја прославувале селската слава во чест на свети Јован (јануари). Црквата, по иницијатива и со пари од месното население, започнала да се гради 1996 година, а била осветена 1998 година.

Маџари

Црква “Св. Спас”. Била изградена 1925 година во тогашното село Маџари, на место каде што дотогаш постоел стар руиниран црковен објект изграден на примитивен начин од плот и кал. Целосната обнова на црквата е од 1992 година, кога по иницијатива на месното население биле удрени темелите на сегашната црква, која е се уште во фаза на изградба.

с. Црешево

Црква “Св. Спас”.Црквата била изградена околу 1850 година. Во нејзината близина се наоѓало и старото црквиче посветено на св. Јован, во чија околина биле лоцирани и најстарите гробишта на месното население. Црквата “Св. Спас” е меѓу најстарите цркви во овој реон, а богатата орнаментика, а особено старите фрески и икони, кои потекнуваат од 1853 и 1858 година, ја вбројуваат оваа црква во верски објекти од непроценливо национално значење.

с. Булачани

Црква “Св. Јован Крстител”. Црквата била изградена на старо црквено земјиште на кое од памтивек се собирало месното население по повод селската црковна слава посветена на св. Јован. Карактеристичен за црквата е стариот и прекрасно декориран иконостас, како и повеќето стари фрески и икони насликани по ѕидовите на црквата кои потекнуваат од 1861 година. Се зборува дека иконостасот го направил некој Турчин од Јаја-пашината џамија во Скопје.

с. Смилковци

Црква “Света Великомаченица Недела”.Црквата е изградена на црквено земјиште, сопственост на црквата “Св.Спас” од с. Црешево. Започнала да се гради 1989 година, а била осветена 1994 година од тогашниот македонски архиепископ г.г. Михаил. Црквата била изградена од доброволни прилози на населението од с. Смилковци и населението од околните селски населби.

с. Брњарци

Црква “Св. Петар и Павле”. Црквата е изградена 1950 година, на местото каде дотогаш постоел стар камен крст. Старата црква била мала и изградена од камен. Реновирањето и проширувањето на црквата започнало 1999 година, а било завршено 2002 година. Црквата е реновирана со сопствени средства и други донации од жителите на селото и околните селски населби. Во тек е изработка на иконостасот и цртањето на фреските.

с. Јурумлери

Црква “Св. апостоли Петар и Павле”. На местото на сегашната црква претходно се наоѓала стара и трошна црквичка изградена од плот и кал. Меѓу луѓето од селото и околните селски населби постои верување дека оваа црква била меѓу најстарите во Блатијата. Тука луѓето од Блатијата секоја година масовно се собирале на верскиот празник Велигден. Пред околу 30 години старата црква била урната и била изградена нова од цврст материјал. Црквата е богато декорирана со фрески и икони и со добро уреден двор и трпезарија.

Автокоманда

Црква “Св. Архангел Михаил”. Сегашната црква била подигната на темелите на постара црква во 1927 година. Во 2006 година е реновиран надворешниот дел на црквата. Карактеристичен за оваа црква е мермерниот иконостас, кој бил поставен уште кога се градела црквата. Таков иконостас, кој е многу скап и тежок за обработка, многу ретко се наоѓа во македонските цркви. Специфичен е и релјефот на “Св. Архангел” поставен на надворешниот горен дел, веднаш над влезната врата во црквата. Во составот на црквата се наоѓа и црквениот параклис посветен на “Покров на пресвета Богородица”, каде извира, според верувањата, света и чудотворна вода. Изградена е во средината на 18 век. Во 1995 година била изградена и осветена мала црковна крстилница посветена на “светите бессребреници и чудотворци Кузман и Дамјан”.Во склопот на црквата се наоѓаат и англиските воени гробишта од Првата светска војна.

с.Стајковци.

”Св Кирил и Методиј”

с.Инџиково

“Св.Ѓорѓија”

МАНАСТИРИ

Населба Виниче

Манастир “Св. Илија”.Манастирот бил изграден околу 1900 година на една доминантна височинка во Долна Маала.Претходно на тоа место бил поставен стар исклесан крст од камен, како симбол на христијанството и прославата на празникот “Св. Илија”, кој традиционално, секоја година се паѓа на 2 август. Тука се лоцирани и селските гробишта, кои порано се наоѓале во с. Црешево. Манастирот е целосно обновен 2003 година од страна на месното население.

ЏАМИИ

с. Синѓелиќ

Џамијата во с. Синѓелиќ е стара и потекнува од втората половина на 19 век. Во 1977 година старата џамија била урната и на нејзино место е подигната нова, поголема џамија. Џамијата е една од поголемите во овој дел на Скопје, со убаво уреден двор и одаи за верски обреди.

с. Страчинци

Џамијата во с. Страчинци потекнува од 19 век. Била изградена од камен и била мала. На местото на старата, 1997 година е започната изградбата на новата џамија, која целосно е завршена 1999 година. Џамијата е со големи пропорции и доминира во центарот на селото.