Од денес започнува имплементација на новиот проект “Car Sharing”, реализиран во партнерство помеѓу Владата на Република Македонија и словенечката компанија Авант Кар Македонија. Овој современ модел на споделување електрични возила претставува вистинска револуција во начинот на кој се движиме низ градот.
Со почетна имплементација во Гази Баба, Аеродром и Чаир, проектот нуди 100 електрични возила и разгранета мрежа на паркинг-локации кои од денес се достапни за сите граѓани.
Она што го прави овој проект особено важен е неговата еколошка димензија. Скопје со години се соочува со сериозно загадување на воздухот, а голем дел од изворите на загадување потекнуваат токму од автомобилскиот сообраќај. Со унапредување на електричниот транспорт, проектот „Car Sharing“ претставува клучен чекор кон намалување на емисиите на штетни гасови, намалување на бучавата, и создавање на почиста и поздравa животна средина.
Воведувањето на систем за споделени возила директно придонесува за намалување на бројот на приватни автомобили во сообраќајот, што пак води кон помал метеж, повеќе слободни паркинг-места и подобрена урбана мобилност. За граѓаните ова значи заштеда на време, пониски трошоци за транспорт и поголема флексибилност во секојдневното движење.
Покрај тоа, проектот нуди достапен и модерен начин на транспорт за сите – младите, вработените, пензионерите, како и оние кои немаат сопствено возило. Преку мобилна апликација, возилата се резервираат и користат лесно и безбедно, што претставува значителен чекор напред кон дигитализација и модернизација на јавниот транспорт.
За Гази Баба, учеството во овој проект значи поставување на темели за одржлива урбана иднина. Како општина која е една од најразвиените индустриски и урбани центри во Скопје, вакви иницијативи се клучни за балансирање на развојот со заштитата на животната средина и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Проектот “Car Sharing” е повеќе од инфраструктура и технологија – тој претставува визија за зелено Скопје, град кој се движи напред со грижа за здравјето на луѓето и природата. Гази Баба е горда што е дел од оваа трансформација, која започнува сега, но се стреми кон подобра иднина за сите.