Градоначалникот Стефковски заедно со тим од општина Гази Баба започна со граѓански дијалог преку директни средби со граѓаните од сите населени места на општината.
Овие средби се одлична можност да се слушне гласот на народот во насока на утврдување на приоритетите на Буџетот за 2023 година.
Средбите започнаа од н. Железара, Автокоманда и Ќерамидница каде граѓаните имаа можност директно да ги кажат проблемите со кои се соочуваат но и очекувањата кои ги имаат при нивна реализација.
Граѓанскиот дијалог потоа продолжи на директни средби со граѓаните во урбаните заедници Триангла, Маџари 1 и Хиподром, кои презентираа голем број на реални проекти кои се нивна потреба, а најголемиот дел од нив ќе се најдат во Буџетот на општината за следната година.
Средби се одржаа и со граѓаните од месните заедници Кирил Петрушевски, Инџиково, Питу Гули и Трубарево но, и со жителите од населените места под падините на Скопска Црна Гора – Виниче, Црешево и Смилковци, места во кои изминатата година се реализираа инвестиции како никогаш претходно. Во завршна фаза е изградбата на новите канализациони системи за Црешево и Смилковци.
Градоначалникот Стефковски со администрацијата ја продолжи директната комуникација со граѓаните и од месните заедници Раштак, Булачани, Страчинци, Стајковци и Синѓелиќ, а во тек на денешниот ден заедно со општинската администрација оствари директни средби со жителите од Идризово, Колонија, Јурумлери и Гоце Делчев каде беа споменати голем број на идеи и проекти, меѓу кои и решавање на деценискиот проблем за овозможување на фекална канализација.
Сите проблеми не се решаваат за една година, но во првата година од мандатот на Стефковски се изградија над 9 километри нова мрежа на фекална канализација низ Гази Баба, што е доказ за посветеност и трудољубивост.
Направивме средби и со граѓани во урбаните заедници Маџари 2 и Крсте Мисирков. Заедно со граѓаните го креираме буџетот за следната година. Утврдуваме приоритети кои следната година ќе се реализираат и ќе ја направат општина Гази Баба подобро место за живеење.
{gallery}foto/2022/11/sredbi so gragani/gallery{/gallery}
29.11.2022