Денес, на 24 мај, кога македонскиот народ со гордост го слави празникот на светите браќа Кирил и Методиј – сесловенските просветители, своите патрони ги одбележува и населеното место Стајковци.
По тој повод, покрај духовната и културната програма, посебно место има свечениот чин на оддавање почит пред споменикот на херојот Бобан Ивановиќ, кој го загуби животот во трагичните настани во Диво Насеље во 2015 година, бранејќи ја татковината.
Пред споменикот на Ивановиќ, кој е поставен во центарот на Стајковци како вечен симбол на жртвата и храброста, беше положено свежо цвеќе од страна на неговото семејство, Општина Гази Баба, Министерството за внатрешни работи, пратеници, негови соборци, пријатели, како и многубројни жители на Стајковци и околните места.
Во трогателната атмосфера, присутните се поклонија со длабока почит и тишина, изразувајќи благодарност за несебичната жртва на Бобан и на сите паднати борци кои го дадоа својот живот за безбедноста и сигурноста на граѓаните.
Неговата храброст, не смее да биде заборавена – токму затоа, обврска на сегашните и идните генерации е да ја продолжат традицијата на сеќавање и да ги пренесуваат вистинските вредности на слободарскиот дух и љубовта кон татковината.
Да ги учиме децата за хероите како Бобан Ивановиќ, не за да ги слават војните, туку за да ја почитуваат храброста и да го ценат мирот.
Настанот беше дел од поширокото одбележување на патрониот празник на Стајковци, кое година се одвива под знакот на спојот меѓу духовноста, културата и сеќавањето на современите херои.