Денес, во координирана акција на скопските општини Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром, Ѓорче Петров и Бутел, преку ЗЕЛС и во соработка со Министерството за култура, започнаа активности за расчистување и уредување на просторот околу Скопското Кале.
Скопските градоначалници се проклучија на повикот од Министерството за култура, кое веќе неколку месеци бара помош и поддршка за овој простор, но не добиваше соодветен одговор од ЈП Паркови и Зеленило и од Градот Скопје.
Заедничка е иницијативата и да покажеме дека кога институциите соработуваат, може да се постигне многу.
Скопското Кале е едно од најзначајните историски и културни обележја на нашиот главен град. Тоа е симбол на историјата и идентитетот на Скопје, сведоштво за неговото минато и место кое секојдневно го посетуваат туристи, ученици и граѓани. Затоа, должност ни е да го третираме со внимание и почит.
Срамна е сликата која туристите ја гледаат – запуштен простор, неуредена вегетација, отпадоци и занемарена околина. Тоа не е лицето што сакаме Скопје да го покаже пред светот. Затоа, оваа акција е само прв чекор – ќе продолжиме со координирани напори за трајно одржување и унапредување на овој значаен објект.
Со здружени сили ќе направиме многу за нашето културно наследство. Скопското Кале заслужува повеќе – заслужува грижа, внимание и континуирана поддршка.