Денес поставен беше камен-темелник за новата инвестиција на Lidl во Гази Баба – проект кој претставува уште еден значаен чекор напред во развојот на нашата општина.
Како локална самоуправа, континуирано и посветено работиме на создавање стабилна и поволна бизнис-клима, со јасна цел – привлекување на сериозни и реномирани компании кои ќе инвестираат, ќе отвораат нови работни места и ќе придонесуваат за економскиот развој на општината.
Изградбата на маркетот на Lidl во Гази Баба е јасен доказ дека општината се развива во атрактивна и перспективна деловна средина. Тоа значи дека нашите политики, инфраструктурни инвестиции и поддршка за бизнисите даваат резултати и создаваат услови што можат да ги исполнат високите стандарди и очекувања на еден глобален малопродажен бренд.
Оваа инвестиција ќе донесе нови можности за нашите граѓани – нови работни места, професионален развој, поголем избор и поквалитетна понуда за потрошувачите. Истовремено, ќе придонесе и за дополнително зајакнување на локалната економија.
Присуството на една европска компанија како Lidl е силна порака дека Гази Баба е општина која се развива, општина која расте и општина која станува сѐ попривлечна за нови инвестиции.
Нашата визија е јасна – модерна, економски развиена и динамична општина во која се создаваат нови можности за сите.
Продолжуваме посветено да работиме за уште повеќе инвестиции, нови проекти и подобар животен стандард за сите жители на Гази Баба.