Гази Баба памети! Македонија не заборава!
Со тага во срцето и болка во душата се сеќаваме на 9 и 10 Мај 2015 година, кога јавноста беше сведок на една крвава пресметка во која животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили.
Македонија загуби осум свој синови, луѓе со имиња, семејства и соништа. Тоа беа луѓе кои облекоа униформа не поради должност, туку поради верба дека Македонија колку и да е мала, заслужува мир, безбедност, а пред и над се достоинство!
Нивната жртва не е само симбол на трагедија. Таа е симбол на храброст и љубов кон татковината.
На хероите им должиме вечност!
Нивната жртва е наш тивок завет и света обврска да продолжиме да ја градиме Македонија да биде достојна на нивната храброст!
Градоначалникот Бобан Стефковски изрази благодарност до Министерот за Внатрешни работи Панче Тошковски, пратеничката Жаклина Пешевска, припадниците на безбедносните сили и големиот број граѓани кои присуствуваа на денешниот настан.
Во знак на длабока почит и сеќавање, по повод 10-годишнината од трагичните настани во Диво Насеље, беа пуштени 8 бели балони кон небото – симбол на чест, мир и благодарност. На секој балон е испишано името на еден од нашите херои кои го положија својот живот за татковината.
Овој чин е тивка, но моќна порака дека нивната жртва не е заборавена. Белите балони го прободеа небото како симбол на нивната вечна слобода и нашата трајна должност да се сеќаваме.
Нека се издигне нашето сеќавање – нека лета нивната храброст!