Денес на одбележувањето на Денот на згрижувањето во СОС Детското село, присуствуваше градоначалникот Бобан Стефковски, еден од најважните партнери на Општина Гази Баба кога станува збор за грижата, поддршката и развојот на децата и младите кои растат без родителска грижа или во социјален ризик.
Овој настан беше особено значаен, бидејќи свечено го пуштивме во употреба Центарот за психолошко советување и специјално образование со рехабилитација, важен ресурс кој ќе обезбеди стручна помош и поддршка за децата и младите кои се соочуваат со различни предизвици.
Центарот е финансиран од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој, во партнерство со HGFD – Германија, а со силна и континуирана поддршка од Oпштина Гази Баба.
За нас, СОС Детско Село не е само институција – тоа е срце на хуманоста во нашата општина. Со својата долгогодишна посветеност на децата и младите, ова село претставува безбедно прибежиште, но и основа за иднина исполнета со шанси, образование, љубов и поддршка.
Вистинскиот напредок не се мери само со инфраструктура и економски показатели – туку со тоа како се грижиме за најранливите во нашето општество. Поддршката на вакви проекти за нас е морална обврска, но и приоритет во политиките на одржлив и инклузивен развој.
На свеченоста присуствуваа и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски , како и градоначалниците Дејан Митески на Општина Аеродром и Борче Митевски на Општина Петровец.
Заеднички ја потврдивме важноста на меѓуинституционалната соработка во поддршката на социјалната грижа.
Веруваме дека секое дете заслужува љубов, стабилност и можности за напредок. СОС Детско Село и понатаму ќе ја има целосната поддршка од Општина Гази Баба во таа мисија.