Административно-територијалните промени, колонизацијата, парламентарните избори и демографската состојба
По завршувањето на Првата светска војна, Вардарскиот дел на Македонија бил приклучен во составот на новата држава Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, формирана на 1. 12. 1918 година. Во почетокот вардарскиот дел на Македонија бил именуван како Нови јужни краишта, а подоцна и официјално се нарекувал Јужна Србија.Во составот на новата држава на Кралството на СХС Македонците не биле признаени како посебен народ, туку биле прогласени за Срби, односно за Јужносрбијанци. Во административно-управен поглед територијата на денешната Општина Гази Баба била вклучена во Скопскиот округ. Со донесувањето на Видовденскиот устав, во јуни 1921 година, територијата на вардарскиот дел на Македонија била поделена на три области: Скопска, Брегалничка и Битолска, при што населените места на сегашната Општина Гази Баба биле вклучени во Скопската област. Оваа административно-територијална поделба траела до 3 октомври 1929 година, кога со Законот за називот и поделбата на Кралството на управни подрачја цела Вардарска Македонија, дел од Јужна Србија и дел од Космет образовувале едно административно-територијално подрачје Вардарска Бановина со седиште во Скопје. На територијата на денешната Општина, во тоа време функционирале три општини: Хасан Беговска, подоцна Синѓеличка, Брњарска и Булачанска. Главен белег на политичкото живеење во овој период му дало спроведувањето на аграрната реформа и колонизацијата, кога насила на поголеми делови од територијата на денешната Општина, биле доселувани колонисти, од различни делови на тогашното Кралство Југославија.
Економските, просветните и здравствените прилики
Економскиот развој на сегашната територија на Општина Гази Баба во периодот помеѓу двете Светски војни по многу нешта е карактеристичен и единствен и се разликува од сите останати делови кои припаѓале на градот Скопје и неговата околина. Во овој период територијата на сегашната Општина станува еден од центрите на почетниот развој на индустријата, која со засилено темпо продолжила да се развива и во наредните години. На местото што денес е познато како Ќерамидница, уште за време на турско се доселувало население кое се занимавало со производство на тули и ќерамиди. Меѓутоа, по 1918 година доселувањето се интензивирало со уште поголем број на жители од Скопје и неговата околина. Согледувајќи го квалитетот на земјата за изработка на тули и ќерамиди, тие на ова место ја изградиле првата фурна за печење на тули и ќерамиди. Поради изградената фурна, подоцна ова место било наречено Ќерамидница. Ќерамидите биле со висок квалиет и се продавале во Скопје и околината. Големата побарувачка на овој вид градежен материјал, придонело во 1939 година во с.Маџари да се отвори уште една фабрика за тули и ќерамиди под име Рекорд. Оваа фабрика со глина се снабдувала од наоѓалиштето во близина на селото.
Во периодот од 1918 до 1941 година во овој дел на сегашната територија на Општина Гази Баба биле подигнати повеќе стопански објекти. Во близина на Ќерамидница,покрај железничката пруга Ниш - Скопје, во 1924 година, била подигната фабриката за пиво односно парната пиварница,која го снабдувала населението во Скопје и пошироко со пиво. Во почетокот во фабриката биле вработени околу 70 работници и произведувала околу 15 илјади хектолитри пиво годишно.
Просветните прилики во селата на денешната Општина биле на ниско ниво и без соодветни просторни услови.На територијата на тогашните три општини имало вкупно седум основни училишта. Во училиштето наставата ја одржувал еден учител за сите четири класа. Условите за работа биле како и во другите училишта ширум Македонија и не биле соодветни за редовно изведување на наставна и педагошка дејност. Наставата се изведувала на српски јазик со учители дојдени претежно од Србија.