Денес, заедно со учениците од шесто одделение од Општинското основно училиште „Наум Наумовски – Борче“, реализиравме една посебна и едукативна посета на Единицата за службени кучиња при Министерството за внатрешни работи. Оваа посета е резултат на одличната соработка која Општина Гази Баба ја има со МВР и министерот Панче Тошковски на кои искрено им благодариме за поддршката и отвореноста кон вакви иницијативи.
Учениците со голем интерес ја следеа презентацијата на работата на оваа специјализирана полициска единица. Имавме можност одблиску да видиме како службените кучиња, под раководство на нивните обучувачи, учествуваат во сложени и одговорни задачи како што се откривање експлозиви, оружје и забранети супстанци, како и обезбедување на ВИП личности и важни објекти.
Посетата беше вистинско доживување за учениците, кои се запознаа со значењето на тимската работа, довербата и посветеноста што ја имаат полициските службеници во извршувањето на своите должности. Таквите средби се важен дел од воспитно-образовниот процес, затоа што ги поттикнуваат младите да развиваат чувство за одговорност, безбедност и почит кон институциите.
Упатуваме голема благодарност до припадниците на Единицата за службени кучиња за топлиот прием, професионалноста и посветеноста, како и до Министерството за внатрешни работи и министерот Тошковски за поддршката. Веруваме дека ваквите активности ќе продолжат и понатаму, на задоволство и корист на нашите ученици и целата заедница.