Денеска градоначалникот Бобан Стефковски го посети Основното општинско училиште „Његош“, каде што во тек се интензивни градежни активности со цел подобрување на условите за образование и воспитание на нашите најмлади.
Во училиштето се врши комплетна реконструкција на спортската сала, која по завршувањето ќе им овозможи на учениците поквалитетна настава по физичко и здравствено образование. Покрај оваа значајна инвестиција, се работи и на санирање на ѕидовите и подовите низ целиот училишен објект, со што ќе се подобри целокупната училишна инфраструктура.
Градежно-занаетчиските активности ги реализираме токму во летниот период, со цел учениците да ги пречекаме во подобри услови на почетокот на новата учебна година.
Образованието е темелот на секое општество. Како Општина, постојано вложуваме во подобрување на образовната инфраструктура, затоа што веруваме дека секое дете заслужува пристап до квалитетно образование во соодветна средина.
Покрај ООУ „Његош“, вакви активности се спроведуваат и во други училишта низ Општина Гази Баба, бидејќи иднината на нашата заедница се гради токму преку вложување во нашите најмали.
Упатуваме искрени честитки и признание до директорката Анета Цветкова и до целиот наставен и технички персонал на училиштето, кои со посветеност, труд и љубов секојдневно се грижат за учениците и за квалитетното функционирање на училиштето. Ваквиот ангажман е пример за тоа како заедно, преку соработка и посветеност, можеме да создадеме подобра иднина за нашите деца.
Ќе продолжиме посветено да работиме за создавање на подобри услови за учење, раст и развој на секое дете во нашата општина.
Гази Баба повеќе не запира!