Градоначалникот Бобан Стефковски денеска оствари работна средба во Полициската станица од општа надлежност Гази Баба. На состанокот присуствуваа началникот на СВР Скопје Сашо Топаловски, началникот на ЕВР Гази Баба Стојанчо Јовчевски, началникот на ОКР Гази Баба Бобан Стојков и командирот на полициската станица Саше Стоилевски.
-Организација на манифестацијата „Вкусовите на Гази Баба“
Во пресрет на утрешниот настан, кој очекуваме да привлече голем број посетители од цела Македонија, разговаравме за улогата на полицијата во обезбедувањето ред и безбедност. Ќе биде обезбедено засилено полициско присуство, редарски мерки и насочување на сообраќајот, со цел манифестацијата да помине мирно и безбедно за сите.
-Подобрување на безбедносната состојба во општината
Разгледавме мерки за подобрување на безбедноста на територијата на Гази Баба. Договоривме акциски план за теренски мешани патроли од полициски службеници и инспектори од општината. Преку директен контакт со младите и подигнување на свеста, ќе работиме на превенција, заштита на јавниот простор и спречување на вандализам и уништување на урбаната опрема.
–Сообраќајна безбедност – фокус на критични точки
Разговаравме за сообраќајната безбедност, особено околу пазарот во Ченто и други проблематични локации. Во следниот период, ќе се зголеми присуството на полицијата и општинските инспектори со цел подобрување на редот и безбедноста во сообраќајот.
–Благодарност за институционалната соработка
Искрена благодарност до Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски за партнерскиот однос со локалната самоуправа. Ваквата соработка е клучна за создавање побезбедна и поорганизирана општина за сите наши сограѓани.