Градоначалникот Бобан Стефковски заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски и градоначалникот на општина Петровец Борче Митевски направија увид на градежните работи за реконструкција на регионалниот пат Р-1102.
Со овие градежни активности ќе се изврши санација на коловозот на површина од 30.000 метри. Целта на овие активности е санација на најоштетените делови од овој регионален пат.
Директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски информираше дека е во подготовка проектна програма за изработка на проектна документација за целосна реконструкција со подобрување на геометриските елементи на патот, решавање на одводнувањењто на делницата, како и подобрување на режимот на сообраќај со кружни текови на соодветни места со што ќе се олесни протокот на сообраќајот и ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Овој регионален пат е од голема важност за Општина Гази Баба, бидејќи истиот ги поврзува населените места Ергеле, Трубарево, Гоце Делчев, Јурумлери, Колонија, Идризово и Дрма.
Исто така, ЈПДП подготвува и проектна програма за изработување на проектна документација за патен јазол „Јурумлери“ на државниот пат А4, кој треба да овозможи врска на населените места Јурумлери и Илинден со автопатот А4 кон Скопје, но и кон Велес и Гевгелија. Локацијата на овој патен јазол е помеѓу патните јазли „Хиподром“ и „Мралино“.
Веќе се превземаат конкретни чекори за реализација на проектите кои се во надлежност на ЈПДП.
Заедничката соработка на локалната власт и државните институции ќе донесе реализација на голем број проекти во интерес на граѓаните!