Величествена манифестација во Стајковци во чест на Св. Кирил и Методиј – празникот на словенската писменост, дух и заедништво.
Вечерва, под отворено небо и под светлината на вековната македонска традиција, Стајковци ја одбележа својата слава – празникот на светите браќа Кирил и Методиј, просветителите, духовните столбови на нашиот народ и патрони на ова гордо населено место.
Со гордост и силни емоции присуствувавме на свечената манифестација организирана во нивна чест, каде што уште еднаш се покажа дека народот од Стајковци, но и од цела општина Гази Баба, знае да ја негува и слави својата историја, вера и култура.
Во културно-уметничкиот дел од програмата уживавме во настапите на врвни македонски уметници кои со своите песни и емоции го обоија оваа свечена македонска вечер – Сузана Спасовска, Миле Кузмановски, Влатко Миладиноски и ансамблот „Седенка“ донесоа магија, традиција и љубов кон родната земја на сцената.
Но најголема благодарност упатуваме до вас – драги граѓани! Вие кои масовно, со срце и душа, присуствувавте на овој настан и покажавте дека македонскиот дух живее, дише и се пренесува од генерација на генерација. Вашето присуство вечерва беше најсилната потврда дека заедништвото, љубовта кон татковината и почитта кон светите вредности се сѐ уште наши водилки.
Во овие моменти, кога традицијата и народната песна нѐ зближуваат, кога се сеќаваме кои сме и од каде доаѓаме, нашата љубов кон Македонија станува уште поголема. Нека овој празник нѐ обедини и охрабри да продолжиме со работа, со гордост, со вера во нашата општина, во нашата земја, во нашата иднина!
Да живее Стајковци! Да живее Гази Баба! Да живее Македонија!