Денес, со особена духовна радост и молитвена возвишеност, заедно со верниот народ го прославивме празникот Вознесение Христово – Спасовден, патрониот празник на Црквата „Св. Спас“ во населбата Маџари.
Во духот на православната традиција, празникот започна со света Божествена Литургија, на која молитвено учествуваа бројни верници, обединети во заедничката радост на овој голем ден.
По литургијата беше отслужен водосвет и се благословија празничните лепчиња и црковното гравче. Атмосферата беше исполнета со љубов, заедништво и вера, а дворот на храмот одекнуваше од духовна радост и братска прегратка.
Патрониот празник на Црквата „Св. Спас“ е не само ден за духовно празнување, туку и потсетник за Христовото ветување дека ќе биде со нас „до крајот на светот“. Заедничката молитва и присуството на бројни верници се сведоштво за живата вера што ја негуваме и ја пренесуваме на новите поколенија.
Нека празникот Спасовден донесе мир, благослов и спасение во секој дом и срце!