Со свечен настан во спортската сала „Методија Андонов Ченто“, во рамките на ООУ „Наум Наумовски- Борче“ означивме затворање на училишните спортски лиги за учебната 2022/2023 година.
Општина Гази Баба, традиционално организира училишни спортски игри. Во текот на учебната година во различни дисциплини, кошарка, фудбал, одбојка (девојчиња), тенис и шах, во машка и женска конкуренција учествуваа повеќе од 1000 ученици, а пехари и медали добија повеќе од 500 ученици.
Градоначалникот Бобан Стефковски се обрати пред присутните и изрази благодарност до наставниците по физичко и здравствено образование за нивната посветена работа во реализација на бројните активности во организација на Сојузот на училишен спорт Гази Баба, и упати честитка до сите ученици, кои денес се стекнаа со признание за постигнати спортски резултати.
Училишните лиги го развиваат натпреварувачкиот дух кај учениците, а вооедно ги насочуваат младите да ги запознаат различните спортови. Преку спортот учиме за тимска работа како и потребата од истрајност и посветеност за постигнување на успех.
Општина Гази Баба ќе продолжи со инвестициите во спортот, бидејќи вложувајќи во спортот ние вложуваме во нашата иднина.