Денес градоначалникот Бобан Стефковски присуствуваше на одбележувањето на патрониот празник на ООУ „Његош“, училиште кое веќе 53 години претставува важен дел од образовниот и општествениот живот, создавајќи генерации млади луѓе, градејќи знаење, воспитувајќи вистински вредности и оставајќи трајни спомени.
Овој значаен јубилеј беше одбележан во духот на мотото „50 години Општина Гази Баба“, со што на прекрасен начин беа поврзани училишната традиција, локалната заедница и заедничката гордост за сè она што го градиме низ годините.
Настан исполнет со прекрасна енергија, позитивни емоции, насмевки и богата културно-уметничка програма, во која главни ѕвезди беа токму учениците. Преку своите музички, драмски, рецитаторски и танцови изведби, тие ни приредија вистинско уживање и покажаа дека зад секој настап стојат многу труд, талент, креативност, вежбање и посветеност.
Секоја точка носеше своја порака, секој настап беше приказна за младоста, ентузијазмот и детската искреност. Посебно радува фактот што учениците имаат можност да ги развиваат своите таленти, да ја покажуваат својата креативност и самодоверба и да растат во средина која ги поттикнува да сонуваат, да создаваат и да веруваат во сопствените способности.
Токму тоа е суштината на образованието – да не создаваме само ученици со знаење, туку личности со вредности, почит, емпатија, одговорност и љубов кон заедницата.
Посебни честитки Срефковски упати до директорката Анета Цветкова, како и до целиот наставен и технички персонал на училиштето, за нивната посветеност, професионалност, пожртвуваност и континуирана работа. Зад секој успешен училиштен настан, зад секој детски успех и зад секоја насмевка стојат луѓе кои вложуваат многу повеќе од своето работно време – знаење, трпение, љубов и искрена грижа за иднината на младите генерации.
Благодарност за нивниот придонес во создавањето квалитетна образовна средина, за негувањето на традицијата, за поттикнувањето на креативноста и за градењето училиште во кое секое дете има можност да го покаже најдоброто од себе.
Образованието е еден од најважните темели на секое општество, а вложувањето во децата и младите е вложување во нашата заедничка иднина. Затоа, поддршката на училиштата, наставниците и учениците секогаш треба да биде наш заеднички приоритет.