Од денес започнуваме со реализација на уште еден исклучително важен проект – бесплатен и сеопфатен офталмолошки скрининг за сите ученици во основните општински училишта на територијата на Општина Гази Баба.
Скринингот денес започнува во ООУ „Крум Тошев“ во Трубарево, а во наредните денови продолжува и во сите останати општински основни училишта.
Навременото откривање на проблемите со видот кај децата е од огромно значење за нивниот правилен развој, учењето, концентрацијата и секојдневното функционирање. Многу проблеми со видот можат да останат незабележани, а раната превенција и навремената реакција можат да направат огромна разлика во животот на едно дете.
Со овој проект, Гази Баба прави значаен исчекор и станува прва општина во Македонија која организира ваков сеопфатен бесплатен офталмолошки скрининг за сите ученици во своите основни училишта.
Искрена благодарност до „Промедика“ и „Систина Офталмологија“ за покажаната општествена одговорност, поддршката и препознавањето на важноста на овој проект. Нивната посветеност и вклученост се вистински пример дека преку заедничка соработка помеѓу институциите и општествено одговорните компании можеме да реализираме проекти кои носат вистинска вредност за граѓаните, а особено за нашите најмлади.
Уште еднаш покажуваме на дело дека нашите заложби не остануваат само на зборови. Дека грижата за децата не е само обврска, туку наш приоритет и одговорност.
Затоа што секое дете заслужува здраво и безгрижно детство, еднаква можност за правилен развој и подобри услови за учење и напредување.
ДЕЦАТА СЕ НАШАТА ИДНИНА, А НИВНОТО ЗДРАВЈЕ Е НАШ ПРИОРИТЕТ!