Денес во просториите на Општина Гази Баба градоначалникот Бобан Стефковски одржа работна средба со Елизабета Андова, која ја доби довербата да продолжи со нов мандат како директор на ООУ „Наум Охридски“.
Секој нов мандат претставува повеќе од формална одлука. Тој е потврда за досегашната работа, но уште повеќе – обврска да се продолжи со уште поголема посветеност. Во јавната служба нема место за задоволување со постигнатото. Граѓаните очекуваат резултати, а ние сме должни секој ден да ги оправдуваме нивната доверба и нивните очекувања.
Во изминатите години покажавме дека кога локалната самоуправа и училиштата работат како вистински партнери, резултатите не изостануваат. Заедно реализиравме бројни проекти кои значително ги подобрија условите за образование и воспитание на нашите деца. Денес можеме со гордост да кажеме дека ООУ „Наум Охридски“ е училиште кое бележи континуиран развој и напредок.
Изградивме нова современа спортска сала во училиштето во Булачани, со што учениците добија услови какви што заслужуваат. Истовремено, во тек е изградбата на нова спортска сала во подрачното училиште во Црешево – уште еден капитален проект што ќе обезбеди подобри можности за младите генерации.
Покрај инфраструктурните инвестиции, целосно го обновивме училишниот мебел, ги опремивме кабинетите со современа наставна опрема и создадовме поквалитетни услови за учење и работа. Нашата цел никогаш не била само да обновиме објекти, туку да изградиме современ образовен систем во кој секое дете ќе има еднакви можности за квалитетно образование.
Овие резултати не се случајни. Тие се плод на визија, домаќинско работење, одговорно управување со јавните средства и искрена желба да оставиме трајни вредности зад нас.
Секој што извршува јавната функција мора да работи чесно, посветено, отчетно и во интерес на граѓаните. Само така може да се гради доверба и да се создаваат резултати што ќе останат и за идните генерации.
Ќе продолжиме со нови инвестиции, нови проекти и нови можности за сите училишта, затоа што верувам дека најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме е инвестицијата во знаењето, воспитувањето и иднината на нашите деца.
Во годините што следуваат нема да запреме. Ќе продолжиме да градиме, да реконструираме, да модернизираме и да создаваме подобри услови во секое училиште. Нашата цел е јасна – децата во Гази Баба да учат во современи, безбедни и достоинствени услови, а наставниците да имаат сè што им е потребно за квалитетна настава.