Денес, градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски, присуствуваше на свеченото отворање на 18-то Армиско првенство во крос-кантри трчање, кое се одржа во СРЦ „Хиподром“. Токму во нашата општина се собраа припаднички и припадници на Армијата за да се натпреваруваат во женска и машка конкуренција.
Крос-кантри трчањето бара издржливост, добра подготовка и волја да го задржиш темпото и кога патеката станува потешка. Зад секој настап стојат часови тренинг и лична посветеност. Затоа секој што застана на стартната линија заслужува почит за трудот што го вложил за да стигне дотаму.
Ваквите првенства се и можност колегите од Армијата да се сретнат во поинаква улога, да си дадат поддршка и да се натпреваруваат со почит еден кон друг.
Благодарност до Советот на воени спортови и до неговиот претседател, потполковник Зоран Цветковски, за поканата и организацијата. Честитки до најдобрите за постигнатите резултати и до сите учеснички и учесници за вложениот труд и за спортскиот дух на патеката!