Градоначалникот Бобан Стефковски заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денес извршија увид во изградбата на првата фаза од фекалната канализација во населеното место Идризово – капитален проект со кој решаваме уште еден децениски проблем на граѓаните.
Во рамки на првата фаза ќе бидат изградени 1.478 метри нова канализациска мрежа, а вредноста на договорот изнесува 49.188.012 денари.
Проектот во првата фаза предвидува и изградба на 4 пумпни станици, неопходни за ефикасно и непречено функционирање на канализацискиот систем.
За изградбата се користат современи двослојни ребрасти полипропиленски цевки тип Б, со дијаметар ФИ 250, 315 и 400 милиметри, со што создаваме модерна и долгорочно одржлива комунална инфраструктура.
Средствата за реализација на овој значаен капитален проект се обезбедени од Владата на Република Македонија, преку вториот јавен повик за финансирање на капитални проекти.
На територијата на Општина Гази Баба , во рамки на мандатот на градоначалникот Стефковски е изградена нова мрежа на фекална канализација во должина од над 36 километри!
Тоа се повеќе од 36 километри конкретни решенија, инвестиции и подобри услови за живот на нашите сограѓани.
Ги решаваме децениските проблеми кои со години биле оставани настрана, а така ќе продолжиме и во иднина – сè до нивното конечно решавање!
Гази Баба денес е едно големо градилиште – градиме детски градинки, ново училиште, спортски сали, канализациски системи, реконструираме и асфалтираме улици и го уредуваме јавниот простор.
Едноставно, работиме и делуваме во секоја пора од општината, затоа што развојот мора да стигне до секое населено место и до секој наш сограѓанин.
Благодарност упати градоначалникот Стефковски до Владата на Република Македонија и премиерот Христијан Мицкоски за силната поддршка што ја добива Гази Баба во реализацијата на голем број капитални проекти.
Кога имаме јасна визија, посветена работа и силна институционална поддршка – резултатите се гледаат на терен!
ПРОДОЛЖУВАМЕ УШТЕ ПОСИЛНО – ЗА МОДЕРНА И РАЗВИЕНА ГАЗИ БАБА!