Денес, во просториите на Општина Гази Баба, потпишавме Меморандум за соработка со Здружението на Македонци по потекло од Албанија „ЗОШТО“, со што поставуваме уште една важна основа за продлабочување на партнерството и заедничкото делување.
Овој Меморандум претставува рамка за заедничка соработка, поддршка и партнерство во повеќе значајни области – образованието, културата, социјалната интеграција, традицијата, зачувувањето и промоцијата на културното наследство, како и реализацијата на заеднички локални иницијативи кои ќе бидат во интерес на граѓаните.
Нашето културно наследство, традициите и вредностите кои ги носиме со себе се богатство кое треба да го чуваме, негуваме и пренесуваме на идните генерации. Токму затоа, ваквите партнерства се од особено значење – затоа што преку нив создаваме простор за поврзување, размена на искуства, нови идеи и конкретни активности.
Особено ми е драго што преку оваа соработка отвораме можност за поддршка на младите, унапредување на образовните и културните активности, афирмација на традицијата и зачувување на културното наследство, но и за создавање нови иницијативи кои ќе ги поврзуваат граѓаните и ќе придонесуваат кон посилна и поинтегрирана локална заедница.
Верувам дека вистинските резултати се постигнуваат тогаш кога институциите, здруженијата и граѓаните работат заедно, со јасна цел и со взаемна почит. Овој Меморандум не го гледаме само како формален документ, туку како почеток на една конкретна и долгорочна соработка, исполнета со идеи, активности и проекти.
Од Општина Гази Баба продолжуваме да создаваме партнерства со сите кои имаат желба да придонесат кон развојот на нашата заедница, да ја збогатат културната и општествената понуда и да создадат нови можности за граѓаните.
Затоа што различностите нè збогатуваат, традицијата нè поврзува, а заедничката работа нè движи напред.
Продолжуваме заедно – со почит кон минатото, со грижа за сегашноста и со визија за иднината.